ЗАКОН ЗА АЗИЛ: Страдањата на мигрантите низ Македонија се олеснија
Собранието ги усвои измените на Законот за азил и привремена заштита, според која во рок од 72 часа миграните можат да поднесат барање за азил во најблиската полициска станица, на граничниот премин или во прифатниот центар.
Целта на усвојувањето на овие измени, како што образложи предлагачот - Министерството за внатрешни работи на Македонија, е да се запре бранот на илегални мигранти кои преку Македонија сакаат да стигнат до некои од земјите членки на Европската унија.
Образложувајќи го овој предлог, министерот Митко Чавков, нагласил како е зголемен бројот на илегални мигранти кои транзитираат низ Македонија, но дека благодарение на подготвеноста на МВР се преземени акции кои спречиле нивниот број да биде уште поголем.
Користење на јавен превоз
„Само во текот на последните неколку недели не е дозволен влез на 2000-3000 илегални мигранти кои дневно се обидуваат да ја преминат границата на Грција и да влезат во Македонија“, навел Чавков.
Според неговите зборови, во последните пет месеци оваа година бројот на илегални мигранти кои влегле во Македонија три пати е зголемен во споредба со истиот период лани.
Освен што ќе можат во краток рок да поднесат барање за азил, полицијата нема да ги санкционира мигрантите кои користат возови како полесно би стигнале на северот од земјава, што и досега беше случај.
