Економија, финансии, бизнис

Контакт

Загубата на „Винер Лајф“ надмина 2 милиони евра

Загубата на „Винер Лајф“ надмина 2 милиони евра

И покрај тоа што компанијата лани успеала да ги зголеми за над 1 милион евра приходите, заради зголемените расходи на крајот на 2016 година книжи загуба од 11,2 милиони денари. Таа е преполовена во однос на загубата од 2015 година, но вкупната загуба на фирмата сепак надмина 2 милиони евра за шест години работење

Компанијата за животно осигурување „Винер Лајф“ минатата година за заврши со загуба од 11,2 милиони денари со што нивото на акумулирана загуба на компанијата достигна до 122,3 милиони денари (околу 2 милиони евра), покажуваат податоците од извештајот на независниот ревизор за 2016 година. Компанијата годината ја завршила со загуба и покрај тоа што успеала да ги зголеми приходите за 1,1 милион евра во однос на 2015 година и минатата година да ја заврши со ниво на вкупен приход од работењето од 210,9 милиони денари. Сепак расходите од работењето на „Винер Лајф“ која е дел од Виена Иншуренс Груп лани биле за 11,7 милиони денари повисоки од неговите приходи. Вредно е да се истакне тоа дека и покрај негативниот резултат со кој е завршена 2016 година, компанијата успеала да ја преполови загубата во однос на 2015 година кога таа изнесувала 22,2 милиони денари.

Од структурата на приходите се гледа дека нето приходот од премија , кој е главна приходна ставка, пораснал за 65,7 милиони денари до износ од 171,6 милиони денари. Од другите мали ставки како позначајни се издвојуваат приходот од камати кој изнесува 17,5 милиони денари и во однос на 2015 година е поголем за 2,4 милиони денари и приходот од провизии за реосигурување кој изнесува 18,3 милиони денари и е за 2,3 милиони денари понизок од 2015 година.

На расходната страна доминантна ставка се трошоците за спроведување на осигурувањето во износ од 111,3 милиони денари кои се за 35,7 милиони денари повисоки од 2015 година. Од согледувањето на другите расходни ставки се гледа дека убедливо најголем раст на трошок има кај ставката настанати штети која за  лани изнесува 41,7 милиони денари и во однос на 2015 година е повисока за 33,6 милиони денари. Значаен раст, иако минорна ставка, има и кај промените во бруто математичка резерва кои лани изнесувале 10,8 милиони денари, а во 2015 година 1,3 милиони денари. Промените во останатите технички резерви лани се на ниво од 52,5 милиони денари и се за 17,4 милиони денари. Вкупно расходите од работењето лани изнесуваат 222,6 милиони денари и се за 57,2 милиони денари повисоки од 2015 година.

Според достапните податоци на крајот на 2016 година „Винер Лајф“ има останати финансиски вложувања во износ од 543,1 милиони денари кои се за 125,3 милиони денари (над 2 милиони евра) повисоки од крајот на 2015 година. Структурата на вложувањата е следна: инвестиции во хартии од вредност со рок на достасување над една година е 322,7 милиони денари, удели во инвестициски фондови во износ од 4,4 милиони денари, депозити во банки во износ од 154,6 милиони денари  и должнички хартии од вредност кои се чуваат до доспевање во износ од 61,4 милиони денари. Овие последниве се записи кои се дадени во залог за краткорочен кредит што друштвото го добило од „Шпаркасе банка“ во декември лани. Станува збор за кредит на износ од 61,4 милиони денари со рок на отплата од 12 месеци и годишна каматна стапка од 1,5 отсто.

Од останатите информации кои се достапни во извештајот на независните ревизори важно е да се истакне и тоа што „Винер Лајф“ на крајот на 2016 година има вложување на капитал во субјект кој не е банка и кое претставува 70,5 отсто од неговиот капитал односно надминува вредност од 4 милиони евра.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести