Загрозено e глобалното снабдување со хелиум - повеќе сектори ќе трпат штети
Војната на Блискиот Исток сериозно го загрозува глобалното снабдување со хелиум, клучен индустриски гас без соодветна замена во многу високотехнолошки сектори.
Катар произведува околу една третина од светскиот хелиум, но нападите врз неговата гасна инфраструктура ја принудија земјата да го запре производството. Во исто време, Иран го блокира Ормутскиот теснец, една од најважните поморски артерии во светот преку која Катар извезува и природен гас и хелиум.
Губењето на околу 30 проценти од глобалното снабдување со овој гас би можело да има сериозни последици за медицината, науката и индустријата, бидејќи станува збор за ресурс чие производство е географски ограничено и бара логистика, пишува Ројтерс.
Хелиумот има незаменлива улога во медицинската дијагностика, особено во работата на МРИ скенерите, каде што се користи за ладење на суперспроводливи магнети кои овозможуваат снимање на ткива со висока резолуција.
Овие магнети работат само на екстремно ниски температури, а хелиумот е идеален бидејќи има најниска точка на вриење од сите елементи (−268,9°C). Покрај медицината, течниот хелиум е исто така клучен за работата на големи научни објекти како што е Големиот хадронски сударач во Женева, каде што се користи за ладење на магнетите што ги контролираат протонските зраци. Секое прекинување во снабдувањето може да го забави истражувањето и работењето на овие сложени системи.
Индустриската примена на хелиумот дополнително го нагласува неговото стратешко значење. Во производството на полупроводници, тој се користи за отстранување на кислород и влага под контролирани услови, како и за ладење за време на клучните фази од обработката на чипови.
Исто така е важен во воздухопловната индустрија, каде што се користи за притисок на резервоарите за гориво и чистење на системите, како и во заварувањето и производството на оптички влакна. Неговите физички својства - инертност, мала маса и екстремно ниска точка на вриење - го прават практично незаменлив во многу процеси.
foto Wikipedia/KasugaHuang
