Економија, финансии, бизнис

Контакт

Загрозена ли е конкурентноста: Поразителни бројки за продуктивноста на трудот во земјава

Загрозена ли е конкурентноста: Поразителни бројки за продуктивноста на трудот во земјава

Значаен пад на продуктивноста на трудот е регистриран во земјава во последните две години. Бројките кои во посебен статистички прилог ги објави Народната банка упатуваат на тоа дека и покрај тоа што се зголемила вработеноста и додадената вредност, продуктивноста паднала. Имено во 2017 година, продуктивноста се намалила за 3,2 проценти на годишно ниво, а во првата половина на 2018 година до кога е и истражувањето, измерен е пад на продуктивноста од  2,4 процентни поени. Со овој надолен тренд, како што стои во анализата, Македонија се вратила на нивото на продуктивност во економијата во времето пред светската финансиска криза односно во периодот до 2008 година. Инаку од 2006 година до сега продуктивноста на трудот во земјава збирно пораснала само за поразителни 0,3 проценти. Во исто време вработеноста сепак се зголемила.

„Динамичката анализа на промените во продуктивноста на домашната економија во периодот од 2006 година до крајот на првото полугодие од 2018 година покажува одредена цикличност во патеката на движења, со умерен просечен раст во периодот пред кризата, како и намалување во кризниот период. Посткризно доаѓа до умерено закрепнување на продуктивноста, тренд прекинат во 2017 година кога повторно е забележан пад. Во првата половина на 2018 година продуктивноста достигна ниво блиско до преткризното, при сличен збирен раст од околу 23 процентни поени и на вкупната вработеност и на додадената вредност, стои во анализата.

Инаку секторски гледано најголемиот дел од промените во вкупната продуктивност се објаснуваат со услужниот сектор, односно секторот на неразменливи добра. Анализата покажала дека трошоците за труд по единица производ главно имаат нагорен тренд, при што значителен дел од растот во периодот од 2006 година наваму односно околу 45 отсто произлегуваат од растот остварен во периодот од 2006-2009 година, во услови на посилен раст на платите во однос на продуктивноста.

„Во овој период, растот на платите во еден дел беше последица на цикличната позиција на економијата, а во еден дел резултат и на растот на платите во јавниот сектор. Во посткризниот период, движењето на трошоците за труд е променливо, но во просек бележат умерен раст. Согласно со нагорниот тренд, трошоците за труд по единица производ во првата половина на 2018 година го надминуваат преткризното ниво од 2008 година за 31,2 отсто, пишува во анализата.

Фактор веќе подолго време пишува на темата за раст на платите со зголемување на минималната и платите во јавната администрација, а во услови на пад на продуктивноста. Повеќе меѓународни и домашни експерти препорачаа растот на платите да е со мерки за зголемување на продуктивноста. Гувернерката Анита Ангеловска Бежоска воинтервју за Фактор рече дека многу е важно политиките се раст на платите да се проследени и со вакви мерки.

„Многу е важно овие политики да бидат проследени со мерки, односно политики за зголемување на продуктивноста на економијата, со што и нејзината конкурентност нема да се загрози. Во тој контекст, мислам дека е позитивно тоа што Владата го задржа континуитетот на политиките за привлекување странски инвестиции, што стави поголем акцент на поддршката на процесот на посилно поврзување на домашните добавувачи со странските компании, на основањето центри за технолошки развој и истражувања, на капиталните инвестиции, како и на финансирањето мали и средни претпријатија и компании во основање. Сето тоа се политики на Владата коишто би требало да дадат позитивни ефекти во насока на поддршка на економскиот раст, рече Ангеловска Бежоска.

Сличен став имаат и стопанствениците.

„Нашиот став, принципиелно е дека платите треба да бидат повисоки, но да имаме национална стартегија која треба да има зацртани цели за подобрување на продуктивноста на приватниот сектор, за обезбедување стабилен пласман на македонски производи, зголемување на бројот на компании кои извезуваат. Откако сето тоа ќе се постигне платите природно ќе пораснат, но да се наметнува вештачко зголемување на платите во услови на непродуктивност само ќе го зголеми преминувањето во неформалниот сектор. Тоа го покажуваат и анализите на меѓународните финансиски институции, според кои доколку се прибегне кон зголемување на минимална плата голема е веројатноста дека ќе се зголеми работата на црно. Во моментов имаме над 20 проценти стапка на невработеност, што е на историски најниско ниво, но бројот на млади луѓе кои се невработени е над 48 отсто и тоа е една поразителна бројка, вели за Фактор, Данела Арсовска претседателка на Сојузот на стопански комори.

Продуктивноста на трудот и трошоците за труд се битни фактори, затоа што во голема мерка делуваат врз конкурентноста на една економија.

А.Т.


Слично

Поврзани вести