Загрозена европската иднина на земјава
Европскиот комесар Јоханес Хан после повеќечасовни неуспешни разговори со четворицата највлијателни политички лидери ноќеска во Скопје, предупреди дека земјава е во тешка ситуација и е загрозена нашата европска иднина.
Хан, после одвоените, а потоа и заеднички разговори со премиерот Никола Груевски, лидерот на СДСМ Заев, и двајцата лидери на албанските ДУИ и ДПА, Ахмети и Тачи, вети дека ЕУ ќе помогне во одржување на фер избори.
Вонредните парламентарни избори беа планирани за 14 април, а Хан вели дека во текот на изминатите разговори сфатил дека сепак не било можно да се постигне договор на политичките партии во врска со тоа прашање.
Рече дека очекува партиите да се придржуваат до спогодбата од Пржино, од 2 јуни минатата година и најави повторно доаѓање во земјава. Посредникот во овие преговори Питер ВанХојт рече дека преговорите со лидерите ќе бидат продолжени наредната недела.
„Работиме посебно на приоритетните проблеми и ќе дадеме се од себе да постигнеме договор со нив“, рекол ВанХојт. Шефот на опозицијата Заев, потсети дека после разговорот со Хан децидирано, без фер избори, регулирани медиуми и пречистени избирачки списоци, нема да излезат на избори.
„Преговрите пропаднаа, нема договор. За нас не се прифатливи избори без благовремено средување на состојбата во медиумите и навремено пречистување на Избирачкиот список. Ако изборите бидат одржани на 24 април, ние на такви избори нема да учествуваме и ќе продолжиме да се бориме за фер, регуларни и демократски услови за одржување на изборите. Ќе продолжиме да се бориме за слободна и демократска Македонија“, дециден е Заев.
Груевски, кој во рамки на договорот од Пржино вчера ја достави својата оставка, оцени дека ставот на СДСМ е обид да се избегнат изборите иако тројцата од четворицата лидери биле за избори.
„Заев зборуваше само за одложување на избори без никакви аргументи. Тој добро знае дека избирачките списоци може да бидат средени за само неколку дена, а она што го бара за медиумите го нема во ниедна друа земја, рече тој и додаде дека Заев на тоа инсистирал со цел да продолжи политичката криза. Заев само во криза е актуелен и верува дека тоа ќе му донесе политички поени“, рече Груевски.
