ЗАГРИЖУВАЧКИ РИЗИЦИ: На удар економијата и девизните резерви!
Ризиците врз домашната економија се зголемуваат, но под опасност се и девизните резерви. Народната Банка ги прави последните, финални пресметки за намалување на економскиот раст. Според сегашните проекции на НБМ, растот на БДП треба да изнесува 4,1%, но оваа стапка е неостварлива. Претходно и Владата, со ребалансот на Буџетот за годинава ја намали стапката на раст на 3,5%.
Послаб економски раст, поголеми ризици од политичката криза …
Народната Банка ги прави финалните анализи за тоа колку ќе се намали економскиот раст годинава во споредба со сегашната проекција. Имено, според апилските прогнози, растот на БДП за годинава беше проектиран на 4,1%, но гувернерот Димитар Богов веќе најави дека оваа стапка ќе се корегира во надолна линија а како причина за тоа ја посочи неизвесноста од политичката криза во земјава.
„Политичката неизвесност негативно ќе влијае, но се надевам дека оваа ситуација брзо ќе се надмине, бидејќи на економските агенти им е потребна извесност и стабилно опкружување за работењето. Ние во април излеговме со проекција од 4,1 % економски раст за оваа година, но веќе е јасно дека тој нема да се оствари односно дека ќе биде понизок. Во моментов работиме анализи и за една до две недели ќе кажеме кои се најновите очекувања за раст за оваа и за наредната година. Доколку се реши сегашната ситуација и доколку имаме политичка стабилност тоа би било многу подобро за нашата економија“, изјави гувернерот Богов.
Загрижувачки прогнози упатува и новиот, октомвриски Извештај на НБМ, во која се посочува дека ризиците по економијата притискаат и од надвор и од дома.
“Во периодот од последните априлски проекции, ризиците од домашна и од надворешна природа се зголемија, но последните макроекономски показатели и оцени упатуваат дека засега нивните ефекти се ограничени, а амбиентот на спроведување на монетарната политика не е значително променет“, се вели во извештајот.
Освен врз економијата, ризиците ги демнат и девизните резерви, пришто НБМ најавува засилено следење на салдото на девизните резерви.
“Во секој случај, неизвесноста поврзана со домашните политички случувања и глобалното окружување е присутна и упатува на зголемени ризици поврзани со динамиката на девизните резерви во следниот период, во споредба со априлските проекции. Ваквите состојби наметнуваат потреба од постојано следење на остварувањата и редовно проценување на ризиците и нивното значење во контекст на остварувањето на монетарните цели“, соопштуваат од Народната банка.
Бизнисот во неизвесност, се чека “условена препорака“ од ЕК..
Дополнителна неизвесност за економијата носи и најавата дека Европската комисија во новиот Извештај за напредокот на Македонија ќе испорача “условена препорака“, што според дел од бизнисмените нема да биде добра вест за приватниот сектор.
“Ваквите мерки ќе влијаат неповолно глобално на политиката и на претпристапните фондови на ЕУ. Најважно за македонските компании е да го задржат високото ниво на конкурентност и да се почитуваат договорите за слободна трговија со земјите каде што се остварува најголемиот извоз“, изјави стопанственикот Антони Пешев.
Тој сепак оцени дека бизнисите сега функционираат како во предизборен период, на стенд-бај со своите деловни активности, во очекување на можните санкции кон земјава од страна на меѓународната заедница.
Според најновиот извештај на Светска Банка, годинава македонската економија ќе испорача раст од 3,2% а догодина се предвидува умерено зголемување од 3,4%. Пполитичката криза и незивесноста од неа беа дел од овој извештај на Светска Банка.
“Податоците укажуваат умерено забавување на економската активност во 2015-та година, што е поврзано со актуелните политички превирања. Во првата половина од 2015-та година растот на индустриското производство беше забавен, инициран од забавување во повеќе индустрии како рударство, облека тутун, електро опрема, неметални производи, градежништвото остана стабилно. Се очекува економскиот раст да се зголеми во 2016 и 2017 година, достигнувајќи 3,4 и 3,7, под претпоставка дека не постои понатамошна ескалација на политичката криза. Јавните инвестиции, извезувањата од директните инвестиции и во помала мера производството се очекува да донесат пораст. Личната потрошувачка се очекува да се зголеми постепено како што ќе се зголемуваат вработувањата“, се посочува во извештајот.
Според прогнозите на ММФ, македонската економија годинава ќе испорача раст од 3,2 % а следната година тој ќе биде 3,8 отсто.
Д.А.
Слично
