Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗАГРЕВАЊЕ: Пленумите тврдат дека нема да запрат!

ЗАГРЕВАЊЕ: Пленумите тврдат дека нема да запрат!
Расте незадоволството помеѓу средношколците од како што велат лошите образовни реформи и игнорантскиот однос на власта кон нивните барања. По скопските и кумановските средношколци излегуваат на улица. Да им порачаат на надлежните дека учениците и наставниците очекуваат ресорното министерство да ги согледа пропустите, да ја разбере суштината на проблемите во училишната пракса и да покаже подготвеност да ги прифати учениците и наставниците како партнери во градење на нови, квалитетни закони кои ќе бидат основа за силен образовен систем. Во првите редови и денеска се очекува повторно да застане кумановскиот средношколец Никола Крстевски, кој вчера им изрази подршка на своите скопски соученици. Тој за Фактор вели дека силата и вистината се во нивни раце, а од надлежните зависи дали сакаат учениците повторно да се преселат пред нивните порти. Барањата остануваат исти- модификација на екстерното тестирање и целосно враќање на стариот концепт на државна матура, а не само нејзино одложување. “Во однос на државната матура, предлагаме сите средношколци да полагаат државна матура согласно стариот концепт. Сметаме дека моделот кој го предложија и впрочем го изгласаа надлежните, го укинува правото на избор на учениците. И изборот на пакет изборни предмети во трета, година гимназиско образование, паѓа во вода. Немаме замислено алтернатива за постојниот модел, но во нашите барања јасно стои: Средношколскиот пленум, да учествува во било каква измена на моделот за полагање државна матура. Во однос на екстерното тестирање, го предложивме моделот на тестирање кој се спроведува во Република Словенија. Тоа подразбира, тестирањето да се одвива на секои 3 години. Притоа да биде анонимно, да служи исклучиво за статистика и креирање на идните образовни политики”-вели Никола Крстевски од Средошколскиот пленум од Куманово. Идни активности на Пленумот вели секако ќе има. Не ја исклучуваат можноста за радикализација на протестите. Вчерашниот протестен марш на средношколците кој е прв во оваа учебна година, според него е само логично продолжение на минатогодишната борба кога илјадници студенти три недели ја бојкотираа наставата и кампуваа пред Министерството за образование. Средношколците вели ученикот од кумановската гимназија  се охрабрија отворено да говорат за проблемите, сега нема враќање. “За да знаеме од каков карактер ќе бидат нашите одлуки  потребно е да свикаме генерален пленум на кој ќе се одлучи за истите. Засега во предвид ги имаме само маршевите, но не е исклучена можноста за евентуален бојкот на настава па дури можеби и повторно поставување на средношколски камп. Секако, оставен е простор и за други креативни решенија на нашите состаноци”-додава средношколецот. Иако изминативе денови средношколците се пожалија на силни притисоци и закани од страна на директорите на училиштата, во Куманово вели ученикот  не се соочуваат со овој проблем. Оттука очекуваат голема излезност на маршот бидејќи своето учество веќе го потврдиле интерните пленуми на сите 4 училишта: економското, занаетчиското, техничкото и гимназијата. “Ги контактиравме и албанските училишта, меѓутоа тие не успеаја да се организираат за овој марш, што не значи дека нема да не поддржат во иднина”-додава Крстевски. Средношколскиот пленум ја обвини актуелната власт дека ја клевети и омаловажува младината на Македонија, дека ја навредува сопствената иднина и дека „уништивајќи сé што е креативно кај младите, и за нив токму актуелната власт е виновна што младите си заминуваат да служат во туѓа држава Учениците се надеваат  дека после толку активности и упорност од страна на средношколците, надлежните институции ја согледале нивната  решителност и сериозност бидејќи како што потенцираат   пораката до нив е сосем јасна уште од самиот почеток на нивната борба: “Средношколскиот пленум е отворен за конструктивен дијалог во секое време, се со цел подобрување на состојбите во образованието. Чекаме покана од нив!”  
Слично

Поврзани вести