Економија, финансии, бизнис

Контакт

Загадениот воздух ги преполни болниците и амбулантите, астматичарите се гушат

Загадениот воздух ги преполни болниците и амбулантите, астматичарите се гушат
Драматично е зголемен бројот на пациенти на скопската клиника за Пулмологија и во амбулантите во изминативе десетина дена, поради загадувањето на воздухот, дознава Фактор. На проблеми особено се жалат луѓето со астма, кои поради загаденоста не можат да дишат, па пулмолошките одделенија на клиниките на пациентите им даваат итни дневни интервенции, додека болничките соби се преполни. Пулмолозите објаснуваат дека во услови на зголемена загаденост, ова е очекувана реакција бидејќи луѓето со дишни проблеми не добиваат доволно кислород поради зголеменото ниво на штетни честички во воздухот. Експертите за јавно здравје пак велат дека реакцијата на надлежните за загадениот воздух е задоцнета, но и дека со препораките за заштита на населението не се опфатени сите загрозени категории. „Мерките кои што се предложени од надлежните треба да се прошират и за други категории на граѓани, како што се астматичари, хронично болните од кардиоваскуларни болести, доилките кои што одат на работа, без разлика дали порано го прекинале породилното одсуство или сеуште го дојат своето бебе, како и сите други категории кои чувствуваат штетно влијание од воздухот во градовите“, вели Методија Трајаноски, експерт за јавно здравје Владата претходно по алармантните податоци за загадувањето на воздухот, и по барањето на опозицијата во собранието, донесе итни мерки за заштита на населението од загадувањето на воздухот. Со тие мерки се препорача ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, односно на бремените жени и на луѓето над 60 години. Исто така се препорача работници кои работат во надворешни услови, да ја организираат својата работа на отворено од 11 до 17 часот, а во установите за згрижување на децата и во училиштата, да не се практикува физичка активност на отворено. Дали за загадувањето главно се виновни граѓаните ? Откако екстремното загадување во повеќе градови во Македонија се повторува неколку години по ред, каде особено се погодени Скопје, Тетово и Битола, надлежните излегуваат со различни, често и контрадикторни информации. Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски откако во неколку наврати се прогласува за ненадлежен, се решава да делува, но засега само со давање на рокови за расчистување на загаденоста, по кои ќе ги бара загадувачите. Различно од еколошките здруженија кои проблемот го лоцираат во застарената технологија на големите индустриски капациетети, министерот за животна средина Абдулаким Адеми вели дека вината за загадувањето најмногу лежи кај граѓаните, сообраќајот и начинот на загревање. Методија Трајаноски вели дека негово мислење е дека надлежните треба да ги побараат вистинските причини за загадувањето. Надлежните треба да ги најдат вистинските причини поради кои е загаден воздухот во Тетово, Скопје, Кичево, Битола. Одговорот треба да го бараат кај големите металопреработувачи, енергетските и  рударските капацитети, како и термоелекраните. Сепак во својот апел министерот за Животна средина Адеми ги повика градоначалниците да превземат поголема одговорност за намалувањето на загаденоста. Адеми посочи дека градоначалниците освен сообраќајот и домаќинствата треба да го следат загадувањето и на индустриските капацитети кои се во нивна надлежност. Според анализа на Светската банка од 2012 година во Македонија годишно 1350 луѓе умираат поради загадениот воздух, а економијата поради загадувањето губи 253 милиони евра. Според анализата доколку се намалат загадувањето до граничните вредности на ЕУ, би се избегнале над 800 смртни случаи. Р.С.
Слично

Поврзани вести