ЗАЕВ: Зависно од разговорот со Хан, ќе се знае дали ќе има одложување на изборите!
Бројни се шпекулациите дека е можно одложување на првичниот датум за одржување на избори во април согласно договорот од Пржино.
На оваа тема, лидерот на опозицијата Заев, вели дека засега нема договор за одложување на предвремените парламентарни избори.
„Засега нема конкретен договор за поместување на изборите закажани за 24 април. Можеби во општинските организации сме разговарале за роковите до кога би се прочистил избирачкиот список или би се нашол договор за медиумите. За конкретни датуми ќе разговараме на средбата со Јоханес Хан во Скопје, но тоа не значи дека изборите не можат да се одржат во април или во јуни. Можеби ќе заклучиме дека идеално време за одржување на изборите ќе биде во септември. Сепак, за тоа треба да разговараме со еврокомесарот во Скопје и со другите партии потписнички на Договорот од Пржино. Ако добијам, пак, цврсти гаранции дека изборите ќе бидат фер и демократски, тие можат да се одржат и на 24 април – изјавил за „Мета“опозицискиот лидер, Зоран Заев.
Имено, во текот на утрешниот ден во земјава ќе пристигнат тројца европратеници.
Ричард Ховит, Едуард Кукан и Иво Вајгл ќе имаат одвоени средби со политичките лидери на кои се очекува да се разговара за досегашната имплементација на договорот од Пржино и забрзување на останатите неисполнети точки од договорот.
Во рамки на посетата тројцата европратеници ќе имаат средба и со специјалната обвинителка Катица Јанева и со претставници од ДИК.
Во текот на овој месец, поточно кон средината на јануари се очекува да дојде и еврокомесарот Хан. Засега не е познат точниот датум , меѓутоа тој ќе дојде да направи увид во имплементацијата и напредокот на обврските од Пржино.
