Заев: За сите е јасно, има фантомски гласачи и мора чист Избирачки список
Опозицискиот лидер Зоран Заев денеска оствари средба со полскиот амбасадор во земјава Јацек Мултановски.
Од кабинетот на Заев велат дека на средбата се разговарало за актуелната политичка ситуација во Македонија и условите што треба да се исполнат за фер и регуларни избори.
Заедничка е оценката дека се неоходни фер избори, за Македонија да се врати на демократскиот европски пат од којшто застрани и дека мора да се исполнат договорените предуслови, соопштуваат од СДСМ.
„Веќе за сите е јасно колку фантомски гласачи има во Избирачкиот список. Граѓаните деновиве и практично се уверија во тоа откако е јавно објавен од ДИК актуелниот Избирачки список. Секојдневно реагираат за разни воочени неправилности и злоупотреби. Ова само потврдува дека клучно за фер и регуларен изборен процес потребен е чист и доверлив Избирачки список“, рече Заев.
Тој исто така ја истакна потребата од регулација на медиумите коишто во најголем дел се под целосна контрола на власта, а разговарале и за механизмите што ги употребува власта на ВМРО-ДПМНЕ во обид да го дефокусира вниманието од отворените истраги против нивни високи функционери.
„Се обидуваат со разни притисоци и измислици, се обидуваат да поттикнат меѓуетнички тензии. Тоа на актуелната власт повеќе не и поминува кај граѓаните“, истакна Заев.
Во фокусот на разговорот биле и предизвиците и начините на справување со бегалската криза со којашто се соочуваат Македонија, регионот и Европската унија.
Слично
