Заев за оставките: Се што зборувавме се потврди!
После вечерашниве министрски оставки во Владата на премиерот Никола Груевски, на социјалните мрежи се јавија со реакции од таборот на опозицијата.
„Се што зборувавме се потврди, ова е доказ и за прислушувањето и за автентичноста на разговорите. Ова е доказ за содржината на разговорите кои ги потврдуваат сите незаконитости и криминали на Никола Груевски и врвот на власта. Не е време за триумфализам.
Оставките на Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и Сашо Мијалков не се наша крајна цел. - Ова е само чекор до крајот на Никола Груевски“, напиша опозицискиот лидер Заев.
„Не предлагај нови министри за џабе. Немаш мандат за такво нешто“, е пораката на Петре Шилегов, додека Стево Пендаровски на Твитер објави: „Реконструкција на Влада? Too little, too late… Потребен е нов премиер.
Градоначалникот на општина Центар пак на Фејсбук напиша: На сите треба да ни биде јасно дека работен наслов на операцијата со оставките е "Спас за Груевски". Затоа, сакам јасно да порачам дека не смееме да застанеме се' додека оставка не си даде самиот Никола Груевски !!!
Денеска од СДСМ посочија дека враќање на демократските институции во Македонија е можно само со заминување на Никола Груевски и функционерите околу него, со што ќе се создадат услови опозицијата да може институционално да работи и дејствува.
Клучната порака на мирниот натпартиски граѓански протест на 17 мај ќе биде оставка од Груевски за враќање на политичката, безбедносната стабилност на Македонија и нејзините перспективи, истакнаа од оваа партија.
