Заев за мај најави улични протести до заминувањето на власта
Лидерот на највлијателната опозициска партија Зоран Заев децидно денес го обвини премиерот Никола Груевски и шефот на тајната служба Сашо Мијалков за неовластено прислушување на граѓаните на Македонија, и најави протест кој , како што рече, ќе трае до заминувањето на актуелната власт.
„Материјалот кој денес ќе го споделиме со јавноста ќе го потврди она што го говоревме. Податоците потекнуваат од Дирекцијата за безбедност при МВР, односно дека Сашо Мијалков и Никола Груевски со години неовластено прислушувале“, рече Заев на уште една во низата конференции за новинари на темата прислушување.
Еден дел од доказниот материјал, како што рече е направен , во Ексел програм и станува збор за преку 10 000 страни материјал доставен до Обвинителството.
„СДСМ располага со огромна докумантација која е во сопственост на РМ. Се што поседуваме ќе им биде доставено на надлежните државни органи кога ќе се исполнат условите за одвојување на државата од васта“, рече Заев.
Тој тврди дека СДСМ има повеќе од 100 000 транскрипти, повеќе од 18 000 смс пораки, повеќе од 12 000 телефонски броеви, и дека 10 илјади страници веќе се доставени до Јавното обвинителство.
На прашањето на новинарите после објавениот прислушуван материјал, дали на 9 мај ќе биде организиран протест Заев, рече дека во мај ќе има протест но уште не се знае точниот датум.
„Во мај ќе има голем, досега невиден протест на граѓаните на Македонија. А кога тој протест ќе биде одржан ќе одлучат граѓаните...Ќе одлучиме заедно со нив“, рече несакајќи да открива по кое сценарио и како ќе изгледа тој протест.
„Гневот расте. Гневот ќе се разлие по улиците на главниот град, но тоа нема да биде обичен протест, да дојдеме да кажеме што имаме и да си одиме. Овој пат нема да си одиме додека оваа власт не си замине“, рече на крај Заев.
