Заев за Дојче Веле: Груевски ја штити само сопствената кожа
Прашање на време е кога премиерот Груевски ќе си замине од власт вели опозицискиот лидер Зоран Заев во интервју за Дојче Веле.
Тој на вчерашната прес конференција најави дека граѓаните допрва ќе дознаваат детали за злоупотребите на власта.
Запрашан дали после она што го слушна јавноста вчера дали очекува премиерот да повлече некаков поинаков потег Заев вели дека ова е уште еден доказ дека тој ја штити сопствената кожа, знаејќи дека ова еднаш мора да заврши, а го развлекува процесот со некаква необјаснива надеж дека нешто ќе успее да спаси. Жално е што во тоа развлекување ја вовлекува и Македонија во се полошо сценарио кое доведува до прашања - дали ова ќе заврши мирно, без тензии. Граѓаните со право се загрижени, бидејќи и во оние земји со минимум демократија оставките досега требаше да паднат. Но, Груевски не го прави тоа.
Последните објавени разговори го демаскираат Груевски. Како човек алчен по пари, по недвижен имот. Груевски од позиција на премиер црта и прецртува ДУП-ови и ГУП-ови за да ја зголеми површината и вредноста на парцелите на Водно во негова сопственост. Дополнително, монструозното и одмаздничко уништување на „Космос“ го покажува грдото лице на Груевски кон Фиат Цаноски откако тој ја напушта неговата коалиција. Груевски, преку соопштение од Владата изјави дека имотите на Водно не се негови. И излажа. Тврдеше дека Цаноски сам признал дека има грешки, и пак излажа и сам се демантираше. Снимките покажуваат како се измислувааат недостатоци во проектот или во градбата. Објавените матерјали ја покажуваат неговата патолошка потреба да лаже. Граѓаните треба да се уверат дека дури и во вакви критични моменти тој продолжува да лаже. Но, тоа е само мал дел од нечесноста на Груевски и од неговите одмазнички чинови.
Точката од која целиот овој процес ќе почне да се движи во некаква насока на расплет Заев потенцира дека во меѓународната заедница, сите оние кои и се пријатели на Македонија и кои имаат обврска кон нејзината иднина, треба да ги осознаат сите руини од начинот на кој е уништено владеењето на правото, начинот на кој се направени изборните грабежи и фалсификати. На граѓаните им се интересни финансиските криминали, злоупотребите, богатењето на елитите, а за Груевски и тие околу него се важни еден друг вид на снимки- меѓусебните подметнувања и озборувања, клановски и дворски игри.
Има доволно силни материјали по кои би било логично да паднат оставки. Еве ќе ви кажам: следните два пакети за Ставрески и Јанкуловска се уште посилни докази од пакетот „купуваме чоколада, а немаме за леб“, вели Заев.
