Заев: Во Струмица се вработува без разлика на партиската боја!
ВМРО – ДПМНЕ обвинува дека непосредно пред локалните избори во Струмица се распишуваат конкурси за нови партиски вработувања, Заев одговара, во Струмица се вработува, ама без разлика на партиската боја!
За најголемата опозициска партија спорен е огласот со кој во Јавното Претпријатие за комунална дејност „Комуналец“ се распишува јавен оглас за вработување на 40 лица на неопределено време.
„Освен што тогаш се закануваше дека ќе јаде живи луѓе, Заев говореше и дека доколку сакаат да бидат на власт ќе влезат тимски, односно од хигиеничар до министер, во секој ресор во државата. Тоа како што кажа самиот е пракса која се применува секаде каде што СДСМ има свои градоначалници. Сега Зоран Заев повторно тоа го потврди. Распиша конкурс за вработување на 40 лица во само едно ЈП. Што е тоа ако не груба партизација? И друг пат Заев има јавно изјавено дека предност при вработување во Струмица имаат членовите на СДСМ“, изјави денеска Александар Бичиклиски од ВМРО – ДПМНЕ.
Тие побараа од Градоначалникот на Струмица, Зоран Заев веднаш да го повлече јавниот оглас.
Струмичкиот градоначалник пак со соопштение се обрати до јавноста. Во него се вели дека ВМРО-ДПМНЕ повторно се обидува со својата гола- вода политика да го омаловажи и дискредитира името на Заев, но постигнува спротивен ефект.
„Да, Зоран Заев вработува луѓе и е горд поради тоа. Во изминатиот безмалку осумгодишен период вработени се 4280 луѓе, од кои за преку 90 отсто е лобирано да се вработат во приватниот сектор. Да, Зоран Заев вработува луѓе затоа што Струмица расте, затоа што Струмица се обновува и развива, затоа што во Струмица се реализираат бројни проекти поради кои вработувањето нови луѓе се наметнува како реална потреба. Новите вработувања во ЈПКД Комуналец- Струмица се реална потреба за да се одржуваат овие водоводи, канализации и пазаришта и да се подига сметот за почиста и поубава општина“, се наведува во соопштението.
Од Кабинетот на градоначалникот информираат дека многу од нововработените се членови и симпатизери на ВМРО- ДПМНЕ, кои дошле до егзистенција за себе и за своите семејства, благодарение токму на ангажманот на Зоран Заев.
Слично
