Заев во Берово, Пехчево и Делчево – Груевски во тетовско
Двајцата политички опоненти, опозиционерот Зоран Заев и лидерот на владеачката партија Никола Груевски денес остваруваат средби со граѓаните.
Едниот во малешевијата на исток, другиот во тетовскиот регион на запад.
Опозицијата на чело со Заев денес престојува во Берово, Пехчево и Делчево каде што ќе се остваруваат работни средби со пратеничките групи.
Покрај средбите со граѓаните Заев ќе ја посети и фабриката за мебел ФАГУС во Пехчево кадешто ќе има средба со сопствениците, менаџментот и вработените во оваа фабрика, од каде продолжува во Пијанечкиот регион во посета на Разловци и Тработивиште.
Неговата посета во овој крај ќе заврши вечерва во Делчево каде што Заев ќе има обраќање пред граѓаните и средби со младите делчевчани и со претставници на бизнис секторот.
Лидерот на владеачката гарнитура и премиер Никола Груевски денес е во посета на Тетовскиот крај.
Груевски ќе направи увид на мостот на регионалниот пат на влезот во Порој, кој беше оштетен од неодамнешните поплави, а потоа ќе оствари посета и средба со жителите од ова населено место.
Потоа премиерот ќе присуствува на отпочнување со изградба на два крака на локален пат во Непроштено, ќе оствари посета и средба со жителите на населеното место Доброште и ќе присуствува на пуштање во употреба на типска спортска сала на Државниот универзитет во Тетово.
