Заев: Владата преговора за нов договор со Хеленик петролеум за нафтоводот
Македонија ќе реализира со поддршка на САД сериозни енергетски проекти, изјави синоќа премиерот Зоран Заев во емисијата Економски магазин на Алсат М.
Премиерот Заев го спомена и приклучувањето на Македонија во изградбата на терминалот за течен природен гас во близина на Александрополис во Грција, како нова, независна влезна точка за снабдување со природен гас на земјите од Југоисточна Европа, меѓу кои и нашата земја. Откри дека се преговара со ОКТА за нов договор.
„Не знаете дека преговараме исто со Окта за пуштање на нафтоводот внатре. Под кои околности, ќе се договориме. Сето тоа е еден сериозен енергетски потенцијал. По посетата во Грција, денеска имавме состаноци, изразуваме желба да учествуваме со акции во Александрополис, со терминалите, како држава зборувам, не само компаниите, рече Заев.
Изјави дека Македонија ќе резервира гас за иднина затоа што е евтин енергенс, а можно е тоа да биде гас од САД, Азербејџан, Израел. Најави и дека Македонија може да учествува со 25 проценти во гасна централа.
За проектот Александрополис Владата искажа интерес при посетата на премиерот во Атина. Тогаш тој се сретна со Кристос Копелузос, извршен директор на групацијата „Копелузос“, која е основачки акционер на компанијата „Гастрејд“.
Со покажаниот интерес, Македонија ќе биде дел од проектот за изградба на пловна станица на 17 километри од Александрополис за привремено складирање и гасификација на течниот природен гас, со капацитет од 170.000 кубни метри и можност за снабдување со природен гас од над 5,5 милијарди кубни метри.
Со овој проект се создава можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за нашата земја, која, истовремено, ќе стане точка од која потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот, и во земјите кои ќе покажат интерес.
Како што е познато, во текот на минатиот месец дел од овој проект стана и Република Бугарија, преку националниот оператор за природен гас „Булгартрансгас“, а вклучувањето на Северна Македонија во проектот ќе овозможи диверсификација на рутите за пристап до природен гас не само за нашата земја, туку и за Централна Европа.
А.Т.