Заев убедлив на конгресот – тешкото допрва доаѓа
Зоран Заев победи на вчерашниот конгрес на СДСМ. Со 395 гласови тој победи во првиот круг од тајното гласање на 14-иот Конгрес. Зоран Заев важеше за фаворит и пред гласањето.
Заев триумфално замина во родната Струмица, но едно е јасно голем дел од своето време сега ќе поминува и во Скопје. Сега се е во негови раце. Заев е пред историски чекор да ја ресетира закржлавената СДСМ и да ја врати на вистински колосек. За почеток да и го врати сјајот на партијата која изминативе години се повеќе и повеќе тонеше и запаѓаше во длабок зимски сон. За најголем дел од јавноста според аналитичарите Заев е човекот кој може да и ги врати насмевките на сдсмовците, за друг дел од јавноста струмичкиот градоначалник нема да успее да ја врати СДСМ на побединчкиот пиедестал. Власта очекувано веќе уште денес ќе соопшти дека во СДСМ не се случиле никакви промени дека во сенка и понатаму е Бранко Црвенковски и дека Зоран Заев со себе ја носи и приказната со аболицијата токму од Црвенковски за случајот Глобал. Во секој случај решението за тоа каков СДСМ и каква опозиција Македонија ќе има веќе од денес го има единствено Заев. Неутралната јавност која не е ниту лево ниту десно сега токму од Заев го очекува тимот со кој новиот претседател на најголемата опозициона партија ќе атакува на освојување на власта.
Заев: Не победи ниту еден од кандидатите, победи СДСМ
По завршувањето на Конгресот, Заев рече дека не победил ниту еден од кандидатите, туку дека победил СДСМ. Ги повика сите на сплотеност, единство и стисната тупаница., како нивен симбол. Во вакво никакво време, додал Заев спреведовме најдемократски транспарентна процедура за избор на лидер на партија.
„СДСМ е единствената партија којашто може да ја втурне Македонија кон подобро утре, кон понадежна иднина, кон посреќни граѓани. Токму од таа причина најавувам дека од денеска СДСМ почнува со сите неопходни активности за да ја испочитува надежта којашто граѓаните ја имаа сите овие денови со вперени очи кон нас. Ќе работиме максимално во интерес на државата, ќе работиме максимално во интерес на граѓаните на Република Македонија“, изјави Заев.
Заев премиер во сенка, Шеќеринска вицепремиер за евроинтеграции во сенка
Според сите најави се очекува во консолидирањето СДСМ конечно да излезе и со своја влада во сенка. Засега според информациите Зоран Заев ќе биде премиер во сенка, а додека Радмила Шеќеринска негов заменик задолжена за евроинтеграции во сенка. Шеќеринска во партијата сега зазема нова позиција заменик на претседателот на партијата, а додека фунцкијата секретар ќе ја извршува Оливер Спасовски, се работи за функција која е скоро иста како генерален секретар.
Новиот СДСМ најавува кадровски освежувања, не се исклучува и нов конгрес на есен
Неколку доктори на науки, експерти во своите области чии имиња сеуште не се откриваат Заев најверојатно ќе ги кооптира и вклучи во партијата со оглед на тоа што новиот лидер немаше многу услови да ги стави во својот тим, пред се од процедурални причини. Никој од таборот на Заев и Шеќеринска не соопштува кои ќе бидат новите имиња кои ќе бидат кооптирани во партијата, но повеќе од веројатно е во извршниот комитет да се најдат Дамјан Манчевски, Јован Деспотовски кои важат за луѓе блиски до Шеќеринска. Со оглед на фактот дека во Централниот одбор голем дел од личностите се луѓе кои важат за блиски до сега веќе екс претседателот Бранко Црвенковски, се очекува во Извршниот одбор да се најдат луѓе од доверба на Заев и Шеќеринска. Извори за Фактор сепак не исклучуваат и нов конгрес на партијата со што би се елиминирале голем дел од тие личности. Ова би се направило се со цел за да се направи како што велат нашите извори сигурен, доверлив и победнички тим, кој требал да ги порази политиките на предводникот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.
Ќе ги врати ли Заев избрканите од партијата кои беа во немилост на Црвенковски
Заев веќе најави дека во СДСМ место ќе има за сите. Она што јавноста сега ќе очекува е дали новиот лидер ќе ги врати назад во партијата веќе исклучените Владо Бучковски, Виктор Цветковски, Димитар Бузлевски, Стефчо Јакимовски. Бучковски кој е деклариран социјалдемократ во своите колумни во неколку наврати не ги криеше симпатиите кон Заев, сепак веќе ја подготвува својата Алијанса за позитивна Македонија заедно со бизнисменот Минчо Јорданов и Љупчо Зиков. Промоцијата на Алијансата се најавува за некаде кон средината на овој месец, но сепак го чекаа исходот од вчерашниот конгрес. Стефчо Јакимовски веќе ја промовираше својата граѓанска опција ГРОМ во која беше виден и Виктор Цветковски, Чедо Саздовски (исклучени од СДСМ). Јакимовски најави и скоро официјализирање на ГРОМ како политичка партија. Сепак за потсетување е дека токму Јакимовски изјави дека соработка со СДСМ е можна само доколку Заев биде претседател на партијата. Бузлевски на последните локални избори учествуваше како независен кандидат и во вториот круг загуби од кандидатот на ВМРО ДПМНЕ. Дали и Бузлевски ќе се врати во старото јато ќе се дознае за кратко време.
Редакција Фактор
Слично
