Заев: Трудот на граѓаните е труд за повторно воспоставување на срушениот систем
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во свое име и во име на СДСМ на граѓаните на Република Македонија го честита 1 Мај - Меѓународниот ден на трудот.
„Овој 1 Мај 2016 година е ден на нашето достоинство. Ја враќаме заедно демократска Република Македнонија и тоа оваа година, кога земјата ќе одбележи 25 години од независноста. Граѓаните на Македонија, поодлучно од секогаш, пообединето од секогаш, поцврсто од секогаш, похрабро од секогаш си ги бараат и си ги бранат своите права. Тоа е трудот на граѓаните на современа Македонија. Труд за заштита на својата егзистенција, за заштита на правото на слободна мисла, изразување, движење, труд за заштита на правото на слободна волја. Трудот на граѓаните на денешна Македонија е битка за правото и обврската на медиумите слободно да известуваат, за правото и обврската на судовите независно да судат, за правото и обврската на институциите непартиски да работат“- пишува во честитката на Заев.
Денес трудот на граѓаните на Македонија е труд за повторно воспоставување на срушениот систем, за создавање услови за избор на одговорна Влада и одговорен претседател на државата кои ќе ги почитуваат сите нивни права и обврски загарантирани со закон и Устав, додава Заев.
