Заев: Треба да се извлече поука од 2013 година
За Македонија 2013-та беше година на изгубени битки, на микро раскош и макро беда , на назадување, отуѓување, осиромашување, иселување и борба за преживување. Вака претседателот на СДСМ, Зоран Заев ги сумираше случувањата од 2013-та, на прагот на Новата година. Тој со видеопорака им се обрати на македонските граѓаните и посака СДСМ заедно со граѓаните, поучени од досегашното искуство во новата 2014 година да направат пресвртница во нивните животи.
„СДСМ заедно со Вас го вперува прстот кон виновниците од власта и сериозно ги предупредува дека Македонија и нејзините граѓани нема да им дозволат нова кражба и ново газење по честа и достоинството. Немаме нови години за губење поради нечовечката злоупотреба на власта oд изгубените во времето и просторот. Токму затоа, и оваа 2013 година може да ни биде од полза, доколку знаеме како да извлечеме поуки од неа. Ќе ни биде од полза оваа година, ако ни биде четиво или лектира од која ќе научиме како не треба, како не смее, како не мора“, истакна Заев.
Тој побара во новата 2014 -та, да им се вратиме на подзаборавените човечки вредности според кои, како што рече„зборот ќе биде збор, образот – образ, а подадената рака за хуманост, солидарност и поддршка - добар доказ дека сме луѓе“.
„СДСМ заедно со граѓаните цврсто и непоколебливо опстојуваат во намерата да го променат хаотичниот амбиент во државата. СДСМ заедно со граѓаните се одлучни стравот да биде заменат со храброст, шепотењето со слободен и силен збор, очајот и песимизмот да го заменат со гордост и оптимизам, сиромаштијата и социјалната неправда со достоинствен живот. Режимот ќе биде заменет со апсолутна слобода за сите.Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е решен, Македонија- сегашното слепо црево на Балканот, да ја воздигне во Македонија – составен дел од европското семејство на народи. Само така личната, семејната и колективната среќа ќе ни бидат во совршена хармонија“, истакна Заев во своето обраќање.
Слично
