Заев со два услови за учество на средбата во Виена
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска на прес-конференција рече дека за да учествуваат на средбата во Виена, треба да се исполнат два услови, Иванов да ја повлече срамната одлука за аболиција и Собранието да свика седница за укинување на одлуката за избори.
„Ако сакаат овие работи можат за два часа да се исполнат. Доколку не се исполнат овие два предуслови ние нема да одиме во Виена. Се што досега е исполнето од договорот од Пржино е опозицијата се врати во Собранието, опозицијата престана да ги објавува „бомбите„, опозицијата ги предаде материјалите во СЈО. Безобразно до ден денеска се кршат закони, се погазува Уставот. Ние се бориме за Уставот и законот и неговото почитување“ - вели Заев.
За договорот од Пржино вели дека е погребан. Тој смета дека граѓаните кои протестираат се борат за себе и своите деца, за идните генерации. Бара граѓаните да протестираат масовно, но мирно.
Заев вели дека како партија се конструктивни, и бараат фер избори.
