Економија, финансии, бизнис

Контакт

Заев смета дека Груевски економски ја пустоши Македонија, ВМРО ДПМНЕ возвраќа со 2100 проекти!

Заев смета дека Груевски економски ја пустоши Македонија, ВМРО ДПМНЕ возвраќа со 2100 проекти!
Ги нема резултатите што ги вети Никола Груевски, премиерот стана експерт за задолжување, троши на непродуктивни проекти, не изгради ниту еден енергетски капацитет и не ја внесе Македонија во НАТО, а сè уште не се започнати ниту преговорите со ЕУ. Ова, според лидерот на СДСМ Зоран Заев, се само дел од неисполнетите ветувања на премиерот Никола Груевски за време на неговото седумгодишно владеење. Според Заев, Груевски ветил раст на Бруто домашниот производ од шест до осум отсто, а Македонија остварува раст од 2,6 отсто за време на мандатот на Груевски. „За период од седум години, владите на премиерот Груевски потрошија 17,5 милијарди евра буџетски средства, народни пари, а не решија ниту еден економски проблем", изјави Заев. Инфраструктура Заев го спомена и проектот Скопје 2014, кој иако беше предвиден да чини 80-тина милиони евра, според Заев ќе се заокружи на сума поголема од 500 милиони евра. „За споредба, изградбата на еден километар автопат чини околу 1 милион евра. Значи повеќе од петстотини километри автопатна инфраструктура се зацементирани во спомениците, барокот и корупцијата на „Скопје 2014". Владите предводени од Никола Груевски не инвестираат во инфраструктура и ја доведоа Македонија во енергетско заложништво. За 7 години Груевски изгради вкупно 7,5 км. автопат. Приближно километар годишно. Ниту еден километар железничка мрежа. Коридорот 10 интензивно губи на значење, а коридорот 8 е чиста фикција. Благодарение на Груевски, Македонија станува транзитно изолирана земја", вели Заев. Тој го критикуваше Груевски бидејќи за време на неговиот мандат не бил изграден ниту еден енергетски капацитет, а постоечките не се одржуваат. „Власта ја зголеми цената на електрична енергија и ја укина евтината тарифа што е сериозен удар врз стандардот на граѓаните", вели Заев. Сомнителни странски инвестиции Македонија, според него, не е атрактивна за странските инвеститори, а Владата постојано склучувала договори со сомнителни инвеститори. „Домашните компании егзистираат на работ на опстанок. Се гушат во долгови, егзистираат под постојани закани и уцени и рекет на инспекциските органи, плаќаат неразумно високи казни, приморани се да отпуштаат вработени. Работат само фирми блиски до власта, привилегирани да ги добиваат тендерите и да потпишуваа анекс договори за владини и општински проекти. Во изминативе седум години се создаде безобразно богатата партиска олигархија на ВМРО ДПМНЕ. Во Македонија континуирано се зголемува бројот на социјално загрозените, а се намалува бројот на невработените, не со нови вработувања, туку со бришењето од евиденцијата во центрите за вработување и со масовно иселување од државата. На идните генерации Груевски, освен споменици им остава долгови и разорена економија", рече Заев. Според него, иако владата на Груевски ги зголемува средствата за субвенции во земјоделието се распределувале без јасни критериуми и најчесто служат како алатка за купување гласови на избори. Земја на политички затвореници За Заев клучно ветување на Груевски што не го исполнил е започнувањето на преговори за членство со ЕУ и полноправно членство во НАТО. „Во 2013 нашата земја не е членка на НАТО и сè уште нема започнато преговори со ЕУ. Република Македонија под водство на Никола Груевски токму оваа година го доживеа најголемиот пораз и неуспех во евроинтеграциските процеси. На последниот самит на Европската Унија, Македонија не успеа да влезе во ниту еден документ, не беше спомната во ниту еден заклучок додека земјите од регионот, доскорашните европски аутсајдери, интензивно чекорат напред. Владеењето на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ го разори општественото ткиво во Македонија. Наместо демократизација на општеството и обезбедување на слобода на медиумите и јавно изречениот збор, Македонија по медиумски слободи е рангирана полошо од Конго и Замбија", рече Заев. Македонија, според него, е земја на политички затвореници, судските органи и органите на прогонот затвораат очи пред очигледни криминали на власта, а сите тие кои се против неа експресно се осудуваат на високи казни затвор и земја во која власта најбрутално, насилнички ги крши Уставот и законите. Тој вети дека СДСМ ќе опстои и ќе го запре  „ова расипничко пустошење од страна на власта кое ја носи државата во целосен колапс“. ШТО ОДГОВОРИЈА ОД ВМРО ДПМНЕ Од ВМРО ДПМНЕ му се заблагодарија на Заев затоа што, велат „ни овозможи и даде прилика да го кажеме она што го направивме досега, работите кои сме ги ветиле и на чија реализација посветено работиме“. „Во периодот од 2006 до првата половина од 2013 година, Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во целост исполни повеќе од 2.100 ветувања дадени пред граѓаните", нагласи Ивановски, министер за информатичко општество во владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Здравство, образование Во продолжение тој ги наброја поединечно владините остварени проекти во здравството, како: набавката на современа медицинска опрема во вредност од 100 милиони евра, најтемелна реконструкција на македонските болници во вредност на нови 100 милиони евра, намалени се цените на значаен дел на лековите. Просечното намалување на цените изнесува 32,54 отсто, а кај одреден број на лекови и до 70 проценти. Претходно данокот на додадена вредност за сите лекови и медицинските помагала се намали од 18 на 5 отсто, воведено е бесплатно здравство за секого, најавената градба на новиот клинички центар. Во доменот на образованието Ивановски ги наведе проектите како: најголемата инвестиција во образованието во изминатите 17 години е направена со проектот „Компјутер за секој ученик", рече дека со Законот за измени и дополнувања на Законот за средно образование се воведе задолжително средно образование на секое дете од 15 до 18-годишна возраст, при што школувањето ќе биде бесплатно, како и превозот и престојот во местото каде што учи детето, доколу има потреба од тоа, притоа нагласи и дека е намалена е партиципацијата на високообразовните институции, и тоа на 200 евра во државната квота, односно 400 евра во квотата за кофинансирање, обезбедени се бесплатни учебници за ученици од основното и од средното образование, формирани се два нови државни универзитети и отворени се дисперзирани студиски програми со кои високото образование станува достапно за секого. „Во 2012 и 2013 одвоени се над 60 милиони евра директни инвестиции за образованието, како во основното и средното, така и во високото образование. Во време на СДСМ тие средства не беа ниту 10 отсто од оваа сума", потенцираше Ивановски. Социјала Во сферата на социјалата министерот Ивановски ги истакна неколкукратното зголемување на платите, пензиите и парите наменети за социјални трансфери, носењето на минимална плата, со која се заштитија работниците со најниски примања. Го апострофираше и градењето социјални станови. „Владата донесе Програмата за земјоделство и руралeн развој за период од 2013 до 2017 година, со која првпат за пет години се дадени насоки како ќе се одвива финансиската поддршка за земјоделците. Во неа е планирано во следните пет години да бидат доделени вкупно 725 милиони евра субвенции ", рече Ивановски. Во однос на однос на евроинтеграциите, министерот Ивановски го истакна обезбедувањето на визната либерализација, како и дека земјата доби четири последователни позитивни извештаи од Европската комисија, што според него е потврда за реформите и напредокот постигнат на ова поле. Инфраструктура Ивановски вели дека  Зоран Заев „лаже кога вели дека ништо не е направено во инфраструктурата", оценувајќи дека лидерот на СДСМ користи погрешни информации. „Ние досега имаме инвестирано големи средства во инфраструктурата. Досега заклучно со 2012 изградени и рехабилитирани се вкупно 190 локални патишта во вкупна должина од 412 километри во вредност од безмалку 30 милиони евра, а отпочната е изградбата и рехабилитацијата на 105 локални патишта со вкупна должина од 216 километри во вредност од безмалку 20 милиони евра во 43 општини, операција која е во тек", објасни Ивановски. „Ја изградивме и делницата од автопатот Александар Велики кај Табановце во должина од 8 километри и инвестиција од 15 милиони евра и целосно ја изградивме автопатската обиколница околу Скопје во должина од 26 километри , која само во мал дел беше започната и како таква малку изградена ја затекнавме во 2006 година, за потоа да инвестираме од вкупно 125 милиони евра колку што вкупно чинеше над 100 милиони евра. Почнавме со изградбата на последната делница од автопатот кај Демир Капија до Смоквица во должина од 28 километри и во неа ќе бидат инвестирани околу 220 милиони евра", рече уште Ивановски. „Во делот на Економијата и за тоа како државата потоа се справуваше со последиците од светската економска криза Зоран Заев повторно ја манипулира јавноста", заклучи Ивановски и изнесувајќи ги податоците дека во годините кога немаше криза порастот на БДП во 2007-та изнесувал рекордни 6.1 отсто, а во 2008 година 5 проценти. Притоа нагласи дека во ниту една претходна година БДП-то немало раст повисок од 4 отсто.
Слично

Поврзани вести