Заев: Режимот заедно ќе го истераме и ќе ја вратиме слободата на нашата земја
,,Се вгнездила една змија во институциите на системот, а наша обврска е почитувани граѓани е да ја истераме. Повторно да си ја вратиме и демократијата и слободата во нашата земја. Имаме режим, хибриден режим, кој е наметнат во нашата земја и тој мора да заврши. Па идната година на 8-ми септември во вистинска слобода да го дочекаме празникот на независноста на нашата земја – изјави Заев денеска на своето обраќање во месноста Три Круши.
Лидерот на опозицијата рече дека веќе 10 години во Македонија не може да се зборува за слобода и демократија и напомена дека идните месеци биле од исклучително значење за државата.
Според него најважно е премерот Груевски до Нова Година да си поднесе оставка, а претходно да се формира преодна влада која треба да ги врати демократските институции.
Освен тоа, Заев рече дека до заминувањето на Груевски МРТВ треба да биде независна, а Агенцијата за аудиовизуелни услуги да биде коректив на медиумите со национални концесии и приватна сопственост.
