Заев: Признавам дека погрешивме со прогресивниот данок на доход
Премиерот Зоран Заев денеска пред новинарите изјави дека Владата погрешила со воведувањето на прогресивниот данок на личен доход, кој започна со примена оваа година според владината предизборна програма, и дека таа грешка тој ја признава пред јавноста.
„Да, направивме исчекор, почнавме еве на крај на годината сме и признаваме дека не ги донесе резултатите. Ова е само израз на чесно владеење, што ќе продолжи оваа Влада да го практикува. Заради тоа што постоиме и работиме за народот и секогаш е почесно да ги признаете грешките и да повлечете чекор назад, отколку буквално да продолжите во нешто од пусти каприц и само да покажете дека сте исправен во тоа што сте почнале како политика“, вели Заев.
Владата вчера преку министерката за финансии Нина Ангеловска објави дека го стопира прогресивниот данок на личен доход во наредните три години и го враќа стариот, а исто така и дека ќе се одложи стартот на даночењето на капиталните добивки и депозитите.
Според Заев, прогресивниот данок не ги даде очекуваните резултати од причина што, како што вели тој, земјава е опкружена од земји каде што даноците се многу ниски и генерално имаат рамен данок, така што анализите покажале дека капиталот е мобилен и овозможува отварање на сметки надвор од државата.
На вчерашната одлука на Владата жестоко реагираа поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски и неговиот тогашен советник Бранимир Јовановиќ, кои беа креатори на овие мерки.Бизнисмените во текот на вчерашниот ден ја поздравија оваа одлука.
