Заев: Повикувам на здружување за спас на Македонија
Без регулација на медиумите и професионални стандарди во медиумскиот простор не може да има фер и демократски избори, изјави денеска опозицискиот лидер Зоран Заев.
Тој нагласи дека без прочистен избирачки список не може да има регуларни избори, потсетувајќи дека сите политички субјекти заедно, на лидерските средби, но и изгласувајќи го Изборниот законик заедно во парламентот, избраа независна Државна изборна комисија.
„Државната изборна комисија е таа којашто е должна и под кривична одговорност го потпишува Избирачкиот список. Изгласувајќи го законот на 10-ти декември законодавецот предвидел 85 дена за прочистување на Избирачкиот список. Од денеска до 5-ти март, до кога треба да се прочисти Избирачкиот список и да се даде на јавен увид, остануваат точно 45 дена“, вели Заев.
За Претседателот на ДИК, Заев потенцираше дека тоа е таа независна институција којашто е единствено надлежна што може да потврди кога може да се прочисти избирачкиот список за да се оди на регуларни избори, тој истиот претседател изјави дека се пробиени роковите за навремено и веродостојно прочистување на Избирачкиот список.
„Оваа патологија што ја наметнува Никола Груевски, поддржан од Али Ахмети, претставува насилство врз независната Државна изборна комисија“, смета Заев.
Тој информираше дека органите и телата на СДСМ и на здружената опозиција наредните денови ќе ги донесат своите одлуки и за учеството во владата и за сите нивни следни чекори.
Тој испрати апел, повикувајќи го демократскиот свет, сите интелектуалци, новинари, сите борци за слобода и демократија на заедничко здружување во една заедничка платформа за спас на Македонија.
