Заев после откажаното рочиште на „Пуч“: 2016-та ќе биде година на правдата!
„Оваа 2016 година ќе биде година на правдата. Година во која ќе се врати правдата во земјава, но и година на вистинските вредности, година во која ќе зборуваме за економија и во која ќе имаме економски натпревар“, ова го изјави опозицискиот лидер по напуштањето на откажаното рочиште за случајот Пуч во кој тој е првообвинет.
Заев одложувањето на рочиштето за во март го коментираше вака:
„Тоа е логично, затоа што материјалите од судот не се предадени на СЈО и ќе мора тие постојано да доаѓаат до судот и да ги гледаат доказите за делот од Пуч. Јас ја имав таа прилика уште во јавното обвинителството кога беа доказите, заради нивната обемност, посебно заради делот којшто беше доставен од нас и логично е дека треба дополнително време за да се направи увид со постојано доаѓање на доказите во судот, а останатиот дел го оставам како потреба на самото СЈО“, рече Заев.
Имено, како што пишувавме денешното рочиште за случајот Пуч е одложено по барање на специјалната обвинителка Катица Јанева. Таа побара да се одложи судењето со цел да ги разгледа доказите за предметот.
Случајот кој е пропратен со низа одложувања сега е закажан за 2 март.
