Заев по средбата со Волерс: Разочараност од заклучоците на Брисел
Клучот за напредок на Македонија се единствено ЕУ и НАТО интеграциите. Ова е пораката на американскиот амбасадор, Пол Волерс кој денеска во седиштето на СДСМ се сретна со раководството на паријата, претседателот Зоран Заев, заменик претседателката Радмила Шекеринска и генералниот секретар Оливер Спасовски, соопшти СДСМ.
Во соопштението се вели дека на средбата се разговарало „за последните разочарувачки заклучоци од Европскиот Совет за Македонија, актуелната политичка ситуација во Македонија и за престојните претседателски избори.
Американскиот амбасадор Волерс пренесе охрабрување од САД дека Македонија мора да опстои на евроатланскиот пат, кон што земјата треба да се фокусира во периодот што престои.
Раководството на СДСМ изрази разочарување и загриженост за заклучоците од Европскиот совет во кои Македонија 8-ма година по ред не доби датум за почеток на преговорите. СДСМ како и досега во своите политики останува посветена на државните интереси, соопшти претседателот Зоран Заев.
Раководството на СДСМ ги потенцираше како исклучително важни измените во изборното законодавство и обезбедувањето реален Избирачки список. Амбасадорот Волерс изрази очекување дека сите измени околу изборното законодавство и списокот ќе бидат направени согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, со цел обезбедување фер и демократски изборен процес“, стои на крајот во соопштението од СДСМ.
Инаку денеска амбасадорот Волерс се сретна и со лидерот на ДУИ Али Ахмети.
