Заев: Парламентарната демократија е згазена
Активисти на опозициската СДСМ денеска поставија споменик пред Собранието на Република Македонија во чест на, како што рекоа, двегодишнината од „паднатата демократија“.
Пред зградата на Собранието присутен беше и лидерот на Социјал Демократскиот сојуз за Македонија, Зоран Заев, кој за медиумите рече дека иако пред две години била згазена парламентарната демократија во Република Македонија, неговата партија и опозицијата нема да дозволат уништување на државата.
„Никој да нема дилема дека СДСМ и опозицијата ќе го дозволат уништувањето на Македонија. Престои период кога ова лудило мора да заврши“, истакна Заев.
Според него повеќе од очигледно за оваа власт е дека не се доволни ниту протести од десетици илјади луѓе по улиците да ја убедат барем да разговара за актуелните проблеми.
„Денес на сите им е јасно дека имаме власт којашто 100-процентно владее за свои потреби и за потребите на бизнисите на врвот на власта, којашто креира политики и закони со што си ја одржува позицијата, на сметка на сиромаштијата на народот. Се ближи денот кога ние граѓаните на Македонија ќе ве исфрлиме од удобните фотељи“, рече лидерот на СДСМ.
Споменикот пред Собранието поставен е две години по скандалозниот „црн понеделник“ кога Собранието го носеше буџетот на Република Македонија и наместо да разговара за него со помош на собраниското обезбедување ја отстрани опозицијата од собраниските клупи, а на новинарите и снимателите не им беше дозволено да известуваат за овој настан и беа отстранети од галеријата за медиумски работници.
Слично
