Заев: Одлуката на Иванов судри народ со народ
Лидерот на опозицијата Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање истакна дека се срами од одлуката на претседателот Иванов која поттикна судири и протести во земјава.
„Јас се срамам од оваа одлука, јас сум еден од луѓето кои се на таа листа согласно оваа срамна одлука којашто е донесена. Покрај тоа што е срамна таа е и незаконска одлука. Со укинување на одредбите на Уставниот суд, не се оживеаа старите одредби од ’93-та година, буквално не знам на кои членови се повикува господинот Иванов и како може да си дозволи човек кој ја извршува функцијата претседател на државата, директно кршење на законот и Уставот во Република Македонија. Во тоа име, ние можеме сето тоа да го спречиме. Јас јавно ја отфрлив аболицијата, не ја посакував, ниту ја прифаќам. Формално кога ќе стигне актот го враќам назад и одам на судење и ќе се појавувам интензивно на судските рочишта. Но, ги повикувам и сите други, кои се наоѓаат таму на листата, да го направат истото тоа, бидејќи тоа е еден од чекорите да спречиме ваквата срамна одлука“, посочи Заев.
Тој истакна дека какви и да му биле намерите на Иванов, а кој вели дека целта му била обединување и излез од кризата, одлуката предизвикала протести и контрапротести и го судрила народот.
„Токму од тој аспект ќе потврдам уште еднаш, одлуката треба да се повлече, да се поништи и сите да направиме `се што можеме да ја спречиме во нејзиното реализирање. Ги повикувам сите инстанци, Уставен суд и сите коишто се надлежни за оваа работа, да ги преземат чекорите на поништување на ваквата одлука. И уште еднаш ќе повторам, иако Трајко Вељаноски се обидува да објасни дека Парламентот е распуштен и дека повеќе не може да се свика, тој својот мандат го црпи од мандатот пратеник исто како сите останати 122-ца пратеници. Во законот стои дека мандатот на пратениците е се до верификација на мандатите на наредниот парламентарен состав на избори, така да Парламентот може да биде свикан во секаков момент. Што теоретски ќе се случи доколку ДИК, пример, сите 9 члена дадат оставка, што значи тоа? Парламентот мора да се свика и да избере Државна изборна комисија, тоа е само како пример за можноста којашто законодавецот ја дал во делот на употребата на врвниот институт на демократијата, а тоа е Парламентот и можностите за негово свикување. Апелирам да се свика Парламентот, да се разговара за предлогот за импичмент на Ѓорге Иванов и да се разговара заедно таму во Парламентот за одлука за укинување на одлуката за распуштање на Парламентот, од причина што гледаме што се случува во ДИК, целиот свет ни кажува, минимум условите мора да бидат исполнети, а знаат сите вклучително и власта дека тоа така не е направено. Насилието и во политичкото натпреварување нема да донесе добра иднина за Македонија, само ќе може да ја мачи Македонија со целото ова измачување што го гледаме. Апелирам на трезвеност, аплирам на соодветно постапување во интерес на граѓаните и на Република Македонија“, истакна Заев.
