Заев очекува во најскоро време составување на нова влада
Лично се надевам дека во најскоро време ќе биде формирана влада, која ќе има за задача да ги организира предвремените парламентарни избори во Република Македонија. Тоа, го изјави лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) Зоран Заев во синоќешното интервју за телевизија "24 Вести".
Тоа е дел од договорот од 2 јуни, што беше постигнат од политичките лидери во земјата, потсети Заев и појасни дека составувањето на оваа влада е обврска на сите политички партии и пред сè на парламентарните партии.
"Се надевам дека сите ние ќе бидеме на височините на својата одговорност, бидејќи тоа е во интерес на Македонија", појасни тој.
Зоран Заев соопшти дека амбасадорот на ЕУ во Скопје Аиво Орав денеска ќе го претстави извештајот на експертската група на Европската комисија за составување на влада која ќе ги организира предвремените парламентарни избори во април следната година. На презентацијата на извештајот ќе присуствуваат сите политички партии.
Тој прецизира дека потоа тој лично ќе предложи средба за наоѓање излез од политичката криза во Република Македонија. Лидерот на опозицијата потврди дека актуелниот премиер Никола Груевски треба да ја напушти функцијата и да не учествува во која било форма во управувањето со земјата до изборите.
