Заев: Да не дозволиме со сила да ни ја украдат Струмица!
Преостанаа уште само два дена до изнуденото прегласување во Струмица, заради кое ВМРО-ДПМНЕ и Груевски го партизираа судството, ја убија демократијата и ја поништија волјата на граѓаните. Но граѓаните на Струмица повторно на дело ќе покажат и докажат дека остануваат свои на своето, истакна во своето обраќање до граѓаните на неколку часа од предизборниот молк, струмичкиот градоначалник и кандидат за трет мандат, Зоран Заев.
Од разговорите со граѓаните, рече тој, останува уверен дека Струмица ќе продолжи да се движи по вистинскиот пат.
„Убеден сум дека никој од вас не сака Струмица со сила да му биде украдена. Убеден сум дека сите заедно имаме еден единствен став дека не треба да дозволиме некој да ни го купи нашето достоинство, дека не треба да дозволиме некој да го стопира прогресот на Струмица, дека не треба да дозволиме некој да ни ја уништи гордоста, дека не треба да дозволиме Струмица од прва во Македонија некој да ја врати на позиции пред тоа, дека не треба да дозволиме некој во мирната и просперитетна Струмица да донесе немир и безперспективност, дека не треба да дозволиме некој што кукавички избега од ТВ дуел да бара разни други дуели со сопствените граѓани. Да не дозволиме странски државјанин да ја води Струмица и од неа да направи протекторат“, истакна Заев.
Тој и повика своите сограѓани во недела да го дадат гласот за оној што тоа вистински го заслужува.
„Сите вие мошне добро знаете што се случува деновиве во нашиот град, но во исто време мошне добро знаете како да останете цврсти и непоколебливи, како да останете силни, како да останете победници. Убеден сум дека никој од вас не сака Струмица со сила да биде одземена, убеден сум дека сите имаме единствен став – не сакаме никој и со ништо да го купува нашето достоинство“, порача Заев.
Слично
