Заев на поставување на камен темелник во Тетово: Нови 1.000 работни места во полошкиот регион
Премиерот Зоран Заев најави нови 1.000 до 1.200 нови работни места во полошкиот регион на поставувањето на камен темелникот на новата заедничка инвестиција на американската компанијата „ЛЕАР“ и „Нормак Инвестмент Груп“, во Технолошко индустриската развојна зона во Тетово.
- До ноември 2021 очекувам да биде завршена втората фаза и тоа ќе значи нови 1.000 до 1.200, работни места. Ја разгледавме постојаната фабрика, има врвна технологија за сечење кожа и платно. Креираат производи со повисока додадена вредност а се подобрува и пристапот до финансиските пазари на капитал. Ниту еден ден за време на пандемијата не застана, функционираше, произведуваше и извезуваше, рече Заев.
Станува збор за нов втор инвестициски циклус кој изнесува 15 милиони евра. Во постоечкиот прв производствен погон на фабриката „ЛЕАР“ во ТИРЗ Тетово, веќе се произведуваат навлаки за седишта и сродни производи за автомобили за извоз.
Директорот на Дирекцијата за технолошки-индустриски развојни зони Јован Деспотовски рече дека во „Леар“ платите се 10 отсто повисоки од просечните во овие зони и дека инвеститорите од истите уплатиле 30 милиони евра повеќе во цуџетот отколку што добиле како државна помош.
Министерот за економија Крешник Бејтеши рече дека договорот помеѓу државата и „Нормак“ е пример на јавно-приватно партнесрство кое функционира успешно осум години и упати благодарност до инвеститорот што и во време на пандемија се охрабрил да направи голема инвестиција.
