Заев:Министрите се заробени од Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ
Првиот човек на СДСМ, Зоран Заев денеска образложи дека партијата ги разгледува сите правни опции за да ги повлече своите министри од Владата, а за кои вели дека се заробени од Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
За министерот за внатрешни, Оливер Спасовски и министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски вели дека не можат да си дозволат да не ги почитуваат законите.
„Еве има судење за Диво насеље денес, министерот Спасовски е единствениот што може да стави потпис за употреба на полициските мерки. Не може да се дозволи и примателите на социјална помош да патат заради тоа. Правиме правни напори да ги извлечеме министрите од Владата. Тие нема да учествуваат во организирање нефер и недемократски избори“ - категоричен е Заев.
Тој денеска повика на широк граѓански фронт за слободна Македонија против Никола Груевски, за како што вели тој, враќањето на демократијата и слободата. За оваа цел ги повика коалициските партнери на СДСМ, политичките партии, невладините организации, здруженијата, синдикатите, интелектуалците, професорите, вработените, невработените и целата демократска јавност.
„Или Македонија или Груевски, порача Заев, дополнувајќи дека земјата нема да прифати лажирани избори, а опозицијата останува гарантор на тоа“ - додава тој.
Заев објасни дека веќе не поседуваат материјали и дека не можат да објавуваат “бомби“ согласно договорот од Пржино, а за договорот вели дека Никола Груевски не го почитува.
За понатаму вели дека она што е во интерес на земјата за нив како партија е прифатливо.
