Заев мести тендери или ВМРО-ДПМНЕ ја „матка“ јавноста?
ВМРО-ДПМНЕ повторно во напад на лидерот на СДСМ Зоран Заев кого го обвинуваат за местење тендери, од СДСМ пак враќаат, проверете како се трошат парите од државните институции.
Со пародија која ја организираше Унијата на млади сили, и пред конференција која во име на ВМРО ДПМНЕ ја водеше министерот за образование, Спиро Ристовски, најголемата владејачка партија го одбележа 15 декември како ден на лагата на Бранко Црвенковски. Како што изјави министерот Ристовски, од партијата имаат докази кои покажуваат дека лидерот на опозицијата Заев, во општина Струмица доделил тендер од 59 илјади евра на фирмата на својот татко и чичко,обвинија денеска од ВМРО ДПМНЕ. За ВМРО ДПМНЕ ова е класичен судир на интереси, бидејќи тендерот бил за набавка на храна и средства за хигиена за установата „Детска радост“, каде надлежна е општината.
„Ова е само мал дел од октоподот на Заев. Станува видливо сомнителното работење при изборот на фирми за склучување договори за јавни набавки на локалната власт во Струмица, предводена од градоначалникот Зоран Заев“, рече на денешната прес-конференција Спиро Ристовски кој повтори дека овој случај го прави ист како и неговиот претходник Црвенковски.
Обвинувањата ги оптфрли портпаролот на СДСМ, Петар Шилегов кој ја повика Владата, ако има сомнежи за незаконско работење да отвори законска постапка.
„Доколку има нешто незаконско во јавната набавка за којашто ВМРО-ДПМНЕ држеше прес конференција, немаше да говори Спиро Ристовски, туку Владата и владините институции веднаш ќе отпочнеа постапки против Заев или членовите на неговото семејство. За посочената јавна набавка, спроведена е јавна аукција, согласно Законот за јавни набавки, донесен од оваа Влада. Согласно законот е избрана најповолната фирма“, истакна Шилегов кој додаде дека ако Владата не отвори постапка за наводниот спорен тендер, тоа ќе биде потврда дека се одвлекува вниманието на јавноста од актуелните проблеми на граѓаните.
Тој го повика премиерот Никола Груевски, наместо да критикува за запазени законски процедури, да објасни зошто со државните институции се прават бројни директни договори за набавки, без како што рече, воопшто да биде распишан тендер за јавни набавки, како и огромни анекси на договорите за јавни набавки, како што укажуваат анализите на речиси сите организации што ја следат оваа проблематика.
Слично
