Заев ќе именува и вицепремиер за економски прашања во техничката влада
Кочо Анѓушев дефинитивно ќе биде вицепремиер за економски прашања до 3 јануари, а според денешните најави на премиерот Зоран Заев, техничката влада ќе има нов човек на оваа функција во 100-те дена пред вонредните парламентарни избори.
Заев потврди дека покрај она што е предвидено - да се назначи технички премиер и заменици-министри со право на вето во министерството за внатрешни работи и министерството за труд и социјална политики, ќе биде именуван и вицепремиер за економски прашања во овој предизборен период.
Се работи за избор на премиер за 100 дена од 3 јануари се до изборите и до формирањето на идната влада. Се работи за дополнителни двајца заменици министри со право на вето во МВР и во Министерството за труд и социјална политика, но и за пополнувањето на испразнетото место потпретседател за економски прашања. Економијата е многу важна сакаме цел тој кабинет да биде пополнет со соодветна личност – рече шефот на Владата на РСМ..
Името на техничкиот премиер ќе биде одлучено следниот петок, кога ќе заседава Централниот одбор на СДСМ, а претходно ќе се состане и Извршниот одбор, најави Заев одговарајќи на новинарско прашање по неформалната средба со пензионерите.
– Од тактички причини одлуката ја одложивме за крајот на следната недела. Ќе не разберете затоа што овде се прави договор меѓу власта и опозицијата. Ние не би сакале да истрчуваме со какви било мерки. Имаме доволно време да размислиме, наведе тој.
