Економија, финансии, бизнис

Контакт

Заев ќе им се пожали на странските амбасадори за изборните неправилности

Заев ќе им се пожали на странските амбасадори за изборните неправилности
Неколку странски амбасадори на иницијатива на лидерот на СДСМ Зоран Заев ќе имаат средба на која главна тема ќе бидат одржаните двојни избори во земјата кои опозицијата ги окарактеризира како нерегуларни, недемократски и нефер. Иако никој засега официјално не ја потврдува информација ниту пак времето кога средбата ќе се одржи, сепак извори од СДСМ за Фактор кратко ни изјави дека повеќе амбасадори се поканети од страна на претседателот на партијата. Дипломатски извори за Фактор брифираат дека меѓу странските дипломати кои ќе одат на разговор кај Заев се евроамбасадорот Аиво Орав, амбасадорката на Германија Гудрун Штајнакер, како и уште неколку дипломати на влијателни земји членки на ЕУ. На средбата извесно е дека тема ќе бидат изборните нерегуларности, уценувањата, поткупувањата и притисоците врз граѓаните, злоупотребата на целиот државен апарат од страна на владејачката партија, неизбалансираното медиумско известување, а се очекува пред странските дипломати да бидат презентирани видео материјали како потврда на обвинувањата на опозицијата за недемократски спроведени избори. Претседателскиот кандидат на СДСМ Стево Пендаровски вчера побара од меѓународната заедница да се позанимава со креаторот на проблемите и да престане да биде „само пасивен набљудувач на ретроградните политички процеси кои се случуваат во Македонија“. Пендаровски во интервју за Фактор непосредно пред вториот круг од претседателските избори оцени: “Мојот изборен резултат во првиот круг е одличен со оглед на атмосферата на купување гласови, уцени и закани што ги практикува владејачката партија со години наназад. Јас тврдам дека овој прелиминарен извештај на ОБСЕ е најлошиот извештај што Република Македонија кога било го добила, после локалните избори во 2000 година, кога имавме убиен човек во близина на гласачко место“. Во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за двојните избори во Македонија се наведува: „Како и во првиот круг од гласањето, претседателските и предвремените парламентарни избори од 27 април 2014 год. беа ефикасно спроведени, вклучувајќи го и денот на изборите. Кандидатите имаа можност непречено да ја водат изборната кампања, а слободите на собирање и здружување беа почитувани. Сепак, кампањата на владејачката партија несоодветно ги разграничуваше партиските од државните активности, спротивно на ставот 5.4 од Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 год. и стандардите на Советот на Европа. Одреден број на одредби од Изборниот законик со кои се регулираат парламентарните избори беа изменети во јануари 2014 год. и истите одговорија на некои од препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Сепак, недоследностите и двосмисленостите кои влијаеја врз предвремените парламентарни избори продолжија, вклучително и законската дефиниција за водење и времетраење на изборната кампања и одредбите за користењето на јавните ресурси во текот на кампањата. Мониторингот на медиумите што го спроведе НМИ на ОБСЕ/ОДИХР покажа дека најголем дел од медиумите врз кои се спроведе мониторинг беа во голема мера пристрасни во полза на владејачката партија и нејзиниот претседателски кандидат, а главно негативни кон главната опозициска партија и нејзиниот кандидат. Медиумите често потфрлаа во разграничувањето помеѓу медиумското известување за службените лица во нивно својство на министри и кандидати, се наведува во извештајот“, стои во извештајот на меѓународните набљудувачи. Г.Ч.  
Слично

Поврзани вести