Заев: Каков учител – таков ученик! – Веле Самак лаже исто како Груевски!
Ако граѓаните на Република Македонија се сведоци дека премиерот Груевски со помош на своите медиумски поданици, секојдневно ја лаже и манипулира јавноста, тогаш нема причина да се чудат што тоа без проблем го прави и еден владин министер, како што е Веле Самак. Каков учител - таков ученик. Груевски и Самак ја потврдуваат вистинитоста на народната мудрост „Кој лаже, тој и краде“. Китењето со туѓо перје во врска со холандската инвестиција во Струмица е пример за класична кражба на заслуги, се вели во реакцијата на градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, на изјавите на министерот Самак.
Во дописот од Заев се наведува дека Општина Струмица на инвеститорот му понудила локација со комплетна комунална инфраструктура - атмосферска и фекална канализација, електрична мрежа, асфалтиран пат со пристап за влез и излез до и од локацијата, мост, водоснабдителен систем со вода за пиење и техничка вода, современи тротоари околу локацијата и соодветно улично осветлување.
Како аргумент со кој локалната самоуправа настапила пред инвеститорот била и близината на локацијата до градот, на само 100 метри оддалеченост, со што се избегнуваат трошоци за транспорт на вработените.
„Општина Струмица ја организираше целата постапка околу донесувањето на ДУП за урбан блок бр. 9 и нејзиното комплетно финансирање, решавањето на имотно-правните односи и исплата по извршената експропријација, изготвувањето на геометарските нумерички податоци, имотните листови и историјата од Катастар, изводите од Деталниот урбанистички план а ја изврши и комплетната процедура за организација на купопродажбата на локацијата.
Новиот инвеститор доби понуда за партиципирање на Општина Струмица во изградбата на неопходната трафостаница и тоа во висина од 70% од целокупната сума на чинење. Новиот инвеститор неколку месеци имаше на располагање луѓе од општинската администрација кои беа задолжени да му асистираат околу сите поединости кои беа предмет на негов интерес“, се вели во реакцијата од струмичкиот градоначалник.
„Зошто Премиерот од Мечкин камен ја повика опозицијата да се вклучи во изнаоѓање на странски инвестиции, а кога таква инвестиција по заслуга на опозицијата станува реалност, тогаш безобразно ја присвојува.
Од партијата на власт милуваат да кажат: “Долга е раката на ВМРО ДПМНЕ“ . И навистина било така. Таа рака знае да го краде тоа што не ѝ припаѓа“, кажа Заев, објави порталот „+инфо“.
