Заев: Изборот на Давитковски потврдува дека има политички дијалог
Зоран Заев, претседателот на СДСМ, изјави дека изборот на Борче Давитковски, инаку декан на Правниот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за претседател на комисијата која треба да ги расветли настаните од 24 декември, значи потврда дека во Република Македонија се воспоставува политички дијалог.
Заев посочи дека предлогот е заеднички, на претседателот на опозицијата и на претседателот на позицијата, па затоа се надева дека Давитковски со својот дигнитет ќе може да изменаџира да се донесат извештајот и заклучоците од тоа што се случи на 24 декември.
„Уште еднаш сакам да спомнам, дека на први март беше договорено формирање на оваа комисија, за разлика од тоа ние се вративме во парламентот и учествувавме на изборите, а власта не презеде никаков чекор. Ова денеска е исчекор, за кој се надевам брзо ќе излезе со заклучоци кои што ќе констатираат што навистина се случи на 24 декември. Тоа е важно заради мојата политичка партија, заради сите опозициони пратеници, но сите се согласуваме дека е многу важно за Република Македонија и токму од тој аспект очекувам брзи заклучоци и решенија кои ќе ја нормализираат состојбата во нашата земја. Среќен сум што е воспоставен дијалог за многу важни прашања, што добива шанса политичкиот дијалог во Република Македонија, а сум среќен пред се како граѓанин, што придонесовме како опозициона најголема партија во државата во еден исчекор на уште една поголема позитивна надеж за добивање на датум за преговори со Европската Унија“, рече Заев.
