Заев: Имаме отворен буџет за криза со енергетиката, ќе ги помогнеме ЕСМ и МЕПСО
Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција рече дека Владата има отворен буџет за справување со евентуална енергетска криза која се најавува дека ќе следува и дека со дел од тие пари би се субвенционирале домаќинствата.
- Имаме на располагање помеѓу 50 и 150 милиони евра. Тоа се огромни пари. Еден од потенцијалите на овој отворен буџет ќе биде искористен за помош на ЕСМ и МЕПСО во делот на севкупното организирање за нови продукции и испорачувања на електрична енергија преку механизам со кој ќе раздолжиме јавни претпријатија. Со вториот дел ќе ги стабилизираме другите јавни претпријатија и со третиот дел ќе дадеме поддршка за потребите на граѓаните, без разлика дали станува збор за криза поврзана со Ковид-19, рече Заев како одговор на новинарско прашање.
Премиерот претходно наведе дека владини и надворешни експерти веќе размислуваат за сите нови начини за надминување на енергетската криза, ако се знае дека по Нова Година, според договорот со универзалниот снабдувач, ќе треба да има нови цени за електричната енергија.
- До Нова Година ниту Меркел, Макрон, Путин и Бајден не знаат што се ќе се случува. Голем дел од работите се меѓународно поврзани. Ние сме дел од глобалниот отворен пазар. Ќе ги следиме сите случувања на берзата на струјата и другите енергенси, нагласи Заев.
Тој додаде дека и самиот психолошки момент предизвикува спирала на поскапувања и дека ако е потребно ќе се репрограмира и буџетот со ребаланс во Собранието.
