Заев и Анѓушев проверуваа дали Еуроникел Индустри може да стане лидер во Европа
Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска беа во посета на фабриката за фероникел во Кавадарци порано до скоро позната како ФНИ Индустри, а по ново Еуроникел Индустри со промената на сопственикот.. Тие сакаа да се информираат за напредокот во реорганизацијата на комбинатот и како тече планот според кој центарот треба да стане лидер по производство на никел во Европа.
„ЕуроНикел Индустри е најуспешната завршена стечајна постапка во нашата држава и денеска е повторно една успешна приказна и го задржува приматот што го имаше долги години наназад, како најголем извозник на фероникел од Северна Македонија и двигател на македонската економија. Вработените се задоволни и среќни и добиваат плата којашто ја надминува просечната нето плата, долговите се исплаќаат, се отвораат нови работни места и компанијата продолжува да извезува на странските пазари и да влегува во нови инвестициски процеси“, изјави Заев.
Анѓушев истакна дека дека фабриката наместо во старо железо се претворила во среќно место со рестартирањето на Еуроникел и се ставило крај на голготата под која беа изложени сите вработени и доверители на поранешниот ФЕНИ.
„Еуроникел не е само статистичка бројка во Бруто домашниот производ. Тоа е судбина на целиот регион и сите вработени, задоволен сум што ја гледам среќата на лицата на вработените. Моето задоволство е уште поголемо, бидејќи преку разговори со менаџментот дознавме дека тие имаат план да инвестираат дополнителни 10-ина милиони евра во пуштање на нова печка, што значи дополнително производство, попозитивни резултати и нови вработувања. За оние кои покажаа сомнеж каде се 624-те милиони евра директни странски директни инвестиции во 2018 година, ова е најдоброто место од кое можеме да го дадеме одговорот. Околу 100 милиони евра се во овој комбинат, исплатени се сите доверители, долговите на компанијата и донесен е оперативен капитал во фабриката“, подвлече вицепремиерот Анѓушев
Маркос Камхис, директор на матичната компанија на Еуроникел, ГСОЛ, рече ќе се зголемува производството во иднина а со тоа и извозот кој го бележи Македонија и најави инвестиција од 10 милиони евра за втората печка.
Еуроникел, подружницата на ГСОЛ, во 2019 година го купи ФЕНИ Индустри, откако претходно започна со работа во фабриката, според договорот за соработка доделен од стечајниот управител на ФЕНИ и од одборот на доверители во 2018 година.
ГСОЛ реализираше над 80 милиони евра инвестиции во фабриката за фероникел во Кавадарци и извезе 10.000 тони никел од 2018 година.
