Заев: Груевски зел 1,5 милиони евра од газда Нини!
„Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски лично ја продал Македонска банка АД Скопје на контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ, познат како газда Нини“, обвини денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев.
На пресконференција, за која вели дека е продолжение по вчерашниот отворен повик до Груевски сам да открие од кој бизнисмен зел 1,5 милиони евра, Заев денеска отворено го обвини Груевски дека при продажбата, освен договорената сума, за себе зел и дополнителен кеш.
„Преку четири офшор и две домашни компании коишто официјално поседувале 51 процент од акциите во Македонска банка, а биле под контрола на Груевски, истите акции биле продадени на газда Нини. Тоа се оф-шор фирмите Сабико Лимитед Ингланд, Аршвеј инженеринг Лимитед Ингланд, Натурал планет Лимитед Ингланд, Силвер универз Лимитед Ингланд и домашните Радио Рос Дејан и други ДОО Скопје и Еверест 2000 ДОО Скопје. Официјалната сума на продажбата била преку 50.000.000 денари или приближно 900.000 евра според официјалните документи“, рече Заев презентирајќи ги документите од продажбата.
„Меѓутоа, надвор од овие официјални договори одобрени од Љубе Трпевски – тогашен гувернер на Народна банка, Никола Груевски ДОГОВОРИЛ дополнителна сума од 1.500.000 евра за продажбата на Македонска банка на газда Нини. Оваа ДОПОЛНИТЕЛНА сума од 1.500.000 евра била исплатена НА ЦРНО, ВО КЕШ на Никола Груевски“, додаде Заев.
Лидерот на опозицијата вели дека за сите овие трансакции има и докази, а со ваквиот начин на продажба директно е оштетен буџетот на Република Македонија со сума од над 225.000 евра по основ неплатен данок на добивка.
„Затоа, премиерот Груевски треба директно да одговори:
- По кој основ тој ги контролирал шесте фирми акционери во Македонска банка?
- Каде завршиле речиси 900.000 евра повлечени од банкарските сметки на шесте фирми акционери во Македонска банка?
- Каде завршиле 1.500.000 евра платени во кеш од газда Нини на Никола Груевски?
- Каков е моралниот кредибилитет на Никола Груевски да прави спектакли од апсења, обвинувања и драстично казнување на луѓето за доцнење со ДДВ, неиздавање на фискална сметка, ситни сметководствени грешки, плаќање или примање готовина......, а тој самиот примил 1.500.000 евра кеш од газда Нини со што директно ги крши законите и директно го оштетил буџетот на Република Македонија, државата која му е пред се, за најмалку 225.000 евра?
- Зошто Македонска банка отиде во ликвидација во 2007 година, време во кое Груевски е премиер на Република Македонија? Дали ова беше обид за прикривање на трагите од овој криминал?“, праша Заев.
Слично
