Заев достави докази до ЈО за случаите Пуч и Поткуп
Денеска до Јавното Обвинителство за организиран криминал лидерот на опозицијата Зоран Заев ги предаде доказите за случаите Пуч и Поткуп.
„Нема докази за извршено насилство кон претставници на највисоки државни органи и шпионажа, туку напротив има насилство врз уставниот поредок на Република Македонија од страна на Никола Груевски, Сашо Мијалков и група лица околу нив.
Затоа, бараме, јавниот обвинител да се одважи и веднаш да ја запре конструираната постапка за Пуч и да го прекине кривичниот прогон од криминалците, Груевски и неговите соработници“, изјави Заев пред медиумите.
Тој истакна дека во овој момент до Јавното обвинителство се даваат дел од доказите како што тврди за таа масовна операција на нелегално прислушување останатите материјали и доказите ќе бидат доставени во соодветна фаза на правната постапка, но конечно сите докази коишто се сопственост на Република Македонија, а се во раце на опозицијата, ќе бидат доставени до соодветните државни органи, штом се исполнат условите, извршната власт да биде разделена од правосудната власт.
„Од доказите што ги доставуваме за конструираниот случај Поткуп се потврдува дека нема поткуп и исплата на какви било парични средства, туку има местење поткуп, што е пријавено пред надлежните општински органи, преку поднесување на Кривична пријава од наша страна.
Доказите содржат повеќе од 100 илјади разговори во транскрипти, повеќе од 18 илјади СМС пораки во транскрипти, повеќе од 12 илјади различни телефонски броеви само во транскрипти. Да појаснам, се работи за материјал преточен во транскрипти. Повеќе од 20 илјади граѓани се прислушувани во Република Македонија.
Материјалите коишто ги доставуваме се повеќе од 10 илјади страници како материјален доказ во оваа постапка. Материјални докази доставуваме плус за конкретните оператори, кои се вработени и го воделе системот на прислушување, телефонските броеви што се таргети во системот на прислушување, псевдоними на сопственици и корисници на телефонските броеви, регистрација на локацијата на телефонските броеви, периодот на контрола и слично“, потенцираше опозицискиот лидер.
Презентација на доказите кои СДСМ денес ги достави во постапките, ќе има во следните неколку дена во седиштето на оваа партија.

