Заев доби покана да присуствува на Давос, не потврдува дали ќе оди
Премиерот Зоран Заев има покана, но сé уште размислува дали да оди на овогодинешниот Светски економски форум, кој се одржува во Давос.
Владата вели дека во наредниот период ќе се утврди агендата дали Заев по вторпат ќе учествува на овогодинешниот светски политички и бизнис елитен собир кој ќе се одржи од 23 до 25 јануари, јави Алсат.
Заев минатата година, по 15-годишната пауза за прв пат како македонски премиер ја претставуваше земјата на Светскиот економски форум во Давос придружуван од десетина владини претставници. Потоа дојде првата историска средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас, каде што двајцата премиери го скршија мразот за да го решат десетгодишниот спор околу името. Само една година подоцна беа забележани конкретните резултати од тој состанок.
На Самитот се очекува да присуствуваат 70 светски лидери и претставници на над 100 корпорации. Нивното присуство во Давос го потврдија американскиот претседател Доналд Трамп, британскиот премиер Тереза Меј, канадскиот премиер Хонд Трудо и францускиот претседател Емануел Макрон.
Светските медиуми пишуваат дека постои можност по десет години да учествува и рускиот претседател Владимир Путин.
