Заев дава шанса за преговори уште 10 дена
Опозицијата денес продолжи да објавува нови аудио разговори, кои тврди дека се прислушувани.
Заев денес беше фокусиран на функционирање на коалициониот партнер на Владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ.
Запрашан од новинарите за преговорите и што понатаму Заев вели дека имаат прецизни, јасни, конкретни барања, од шест до девет месеци преодна влада, кои што се темелат на принципи.
Еве што одговори детално опозицискиот лидер:
„ Од Универзална сала испорачавме многу прецизни барања, јасни, конкретни каде што велевме од шест до девет месеци преодна влада. Шестте месеци најверојатно излегоа од вчера од соопштението после средбата со министерот за надворешни работи на Бугарија. Разговорите коишто се одвиваат, веќе три пати, со посредништво на Европската унија и на другите дипломати, се темелат на принципи. Се темелат на многу важни прецизни детали коишто мора да доведат до конечната цел изборите на крајот на април да бидат признаени, меѓусебно честитани и тоа е целта кон којашто мораме да се стремиме сите. За да тоа го постигнеме, многу е важно од денеска како ќе го поставиме целиот процес. Во тој процес нашите принципи и врзување со термини се многу едноставно разбирливи. Ќе спомнам неколку. Мораме да ги изградиме институциите до ниво на нормалност, да ги вратиме демократските надлежности во самите институции, демократското нивно функционирање, корективните механизми да бидат вратени, за да може сите заедно конечно преку тоа да ја осигураме слободно изразената волја на граѓаните на избори. Соодветно на тоа се поврзани и роковите коишто ги бараме, врзани со тие принципи. Ако проверката на Избирачкиот список е неопходно потребна, потребни се и соодветни месеци да се направи. Тогаш е неопходно потребна веродостојноста, конечната потврда да биде потврдена од сите нас а не само од Влада на чело со Груевски, за да може да му веруваме на тој Избирачки список и конечно да нема дилеми. Ако го отвориме Избирачкиот законик, а тоа го дефиниравме веќе во разговорите, тој ќе отвори многу важни процеси важни за иднината и демократизацијата на Македонија. Ќе разговараме најверојатно за дијаспората, ќе разговараме за изборните единици, шест, три, една, ќе разговараме за отворени или да продолжиме со затворените листи, ќе разговараме за многу важни работи внатре, кој тоа повторно ќе го гарантира? Груевски и оваа иста влада? Сето она коешто го аргументираме на сите овие преговори е конкретно врзано со прецизни детали, искуствени податоци, коишто реално ја потврдуваат позицијата на опозицијата и на Граѓаните за Македонија.
Оттука, сето она коешто на тие разговори, еве ако продолжат, а очекуваме да продолжат, бидат јасно прецизирани, гаранциите за овие прецизни детали или чекори коишто треба да се преземат за да ја осигураме конечната цел, и не да верува Заев, Груевски, Ахмети или Тачи, туку граѓаните да почувствуваат, да веруваат тие, дека тие се конечните коишто ја носат одлуката. Дека слободно ќе ја кажат својата волја и конечно политичарите ќе стрепат од нив, од граѓаните. Тоа мора да го постигнеме. Се друго меѓусебно ќе се лажеме, ќе ја лажеме и меѓународната заедница, ќе ја лажеме и домашната јавност. Затоа зборувам премногу внимателно исклучиво позитивно. Дојдовме до таа фаза каде што сега е моментот да ги направиме чекорите исклучиво во интерес на Република Македонија. Тоа зависи од сите нас коишто седиме таму на масите. Затоа е врзано со термините. Ова не е ултиматум, во преговори не се влегува со ултиматум. Во преговори на основа на конкретни детали, на конкретни податоци, се разговара и преговара, се вадат на маса и на крајот дај Боже да се постигне договор. Тоа е тоа коешто го очекуваме сите, ако имаме сите ултиматуми од коишто не мрднуваме, секако не треба ни да одиме на преговори. Но, преговорите пак имаат смисла ако ја дадат конечната цел за којашто сме седнале на маса и разговараме“.
