Заев даде детали за недела неработен ден
Премиерот Зоран Заев денеска на прес конференција изјави дека недела ќе биде неработен ден. Oва стартува од 1 октомври.
Недела ќе биде ден за одмор, а законските измени и решенија се поднесени до Собранието. Работниците кои сепак би морале да работат во недела ќе добијат повисока плата (дневница до 50 проценти повеќе) за тој ден и слободен друг ден во текот на работните денови.
„Ја продолжуваме поддршката и грижата на работниците, а во фокусот на нашето внимание беше значењето на рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот. Оваа рамнотежа придонесува работниците да бидат поефикасни и мотивирани на работното место, а и да имаат приватен живот, семеен и социјален. Оваа грижа за благосостојбата за мотивацијата на работниците е вградена во предложените законски решенија. Посебна грижа во дизајнирањето на законот е вложена кај работниците во секторите кај кои не е можен прекин на техничко-технолошкиот процес. На овие работници освен што ќе им следува плата за работа во недела, ќе им се обезбеди и слободен ден во текот на неделата“, рече премиерот.
Големи казни ќе има и за оние кои нема да го почитуваат овој закон.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, објасни дека денот недела ќе биде неработен ден за сите работници, освен во одредени исклучоци. Кажа дека во недела ќе можат да работат продавници за продажба на сладолед, колачи, апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност. Продавниците на бензиските станици, продавниците во трговските центри ќе можат да работат само една смена, а истото важи за продавниците за трговија на мало со храна, пијалаци и тутун, како и во зелените пазари.
