Заев, Битиќи, Димитров и Османи од утре на „Економист“ во Атина
Премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот со вицепремиерот за економски прашања Фатмиор Битиќи, вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи на 15 и 16 септември ќе учествуваат на грчкиот собир организиран од „Економист“ во Атина.
Заев ќе има средби со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, со кога ќе има работен ручек на 16 септември, како и со претседателката на Грција, Katerina Сакеларопулу. Македонската делегација ќе учествува на ,,24-та тркалезна маса со грчката Влада” во организација на угледниот магазин „Економист“. Претседателот на македонската Влада ќе има свое обраќање на панел-дискусијата посветена на Западен Балкан.
Заев ќе има и повеќе средби со бизнисмени на конференцијата на „Економист“, како и со претставници на грчката бизнис заедница. Битиќи и Димитров за време на оваа дводневна работна посета на Атина ќе остварат средби со свои колеги и други членови на Владата на Грција, а Османи ќе оствари работна средба со неговиот колега, шефот на грчката дипломатија Никос Дендијас како прва официјална средба по назначувањето на новата функција.
Заедно со Заев ќе дискутираат и поранешните претседатели на Црна Гора и Србија, Филип Вујановиќ и Борис Тадиќ, поранешниот премиер на Босна и Херцеговина, Златко Лагумџија, како и поранешната министерка за надворешни работи на Грција, и актуелна пратеничка од партијата Нова демократија, Дора Бакојани.
Оваа година ќе доминираат темите за справување со пандемијата со КОВИД-19 и потребата од нови здравствени политики, лекциите од менаџирањето со глобалната здравствена криза и влијанието на глобалната и европската економија.
Меѓу најавените учесници на дводневната конференција се и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, министри од грчката Влада, меѓу кои, за надворешни работи, за здравство, за одбрана, за инвестиции, поранешниот претседател на Франција Франсоа Оланд, шефот на кипарската дипломатија, амбасадорот на САД во Грција и други.
