Заев: 65 проценти од програмата е економија, подготвени сме за избори
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во неделното интервју на Радио Слободна Европа изјави дека СДСМ е подготвена за избори, но и дека од државата се крадат 400 милиони евра годишно.
Тој додава дека само ова да остане во Македонија, ќе може да се искористи и за враќање на кредитите, но и за развој. Заев вели дека програмата и фалерите за избори им се подготвени.
„Подготвени сме за избори. Ние сме единствената партија којашто во декември донесе изборна програма на конгрес, подготвена со формиран штаб да влезе во изборни активности. Околу 65 проценти од програмата е економија. Главна задача е работни места и тоа квалитетни. Просечната плата да биде над 500 евра. Парите да ги вратиме назад кон граѓаните. Како социјалдемократи и левичари веруваме дека ќе ни ја биде државата ако народот има пари. Тоа ќе обезбеди и нивно фиксирање овде, во Македонија, да ја спречиме миграцијата и дај боже да почнеме да ги враќаме младите кадри коишто заминаа. “ - објаснува Заев.
Тој вели дека е убеден дека Македонија може да биде земја за почит со којашто сите ќе се гордееме. Според Заев, економските политики мора да дадат резултат којшто ќе го почувствуваат сите граѓани, сите семејства во Република Македонија.
Ако народот му ја даде довербата, Заев вели дека ќе му биде чест и ќе се труди да покаже добри резултати.
