Заемно признавање на стажот во Косово и Македонија
Практична реализација на Договорот за заемно признавање на работниот стаж во Косово и во Македонија беше една од темите на која разговараа директорите на фондовите за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Албанија и Косово - Белим Незири, Вјолца Брахо и Сами Салиху.
Договорот меѓу Македонија и Косово стапи на сила во ноември, а со него двете земји се обврзани да го признаат стажот на граѓаните од двете држави се до стекнување на минимална пензија. Директорите на фондовите за ПИОМ се обидоа да ги отстранат техничките проблеми во спроведувањето на договорените одредби.
„Според информациите со кои располага Фондот на ПИОМ, околу 2.500 македонски граѓани ќе можат да се стекнат со право на пензија доколку им се признае стажот од работата во Косово, а околу 2.000 косовски граѓани би оствариле ова право доколку им се признае работниот стаж од Македонија“, вели Незири.
Неговиот косовски колега признава оти има технички проблеми во практичното спроведување на постигнатиот и потпишан Договор за социјално осигурување и вели дека тие треба да се отстранат во интерес на граѓаните.
„Ќе направиме напори да се отстранат сите пречки тој да може да се имплементира. Ќе се осврнеме и на работите кои не се опфатени во Договорот, за да може тој полесно да се спроведува“, рече Салиху.
Сличен договор Македонија подготвува и со Албанија, а преговорите се во завршна фаза.
Слично
