Заеднички туристички производи – Поттик на регионалната соработка
Јакнењето на меѓусебната соработка на земјите од регионот во насока на раст на трговијата, на меѓусебните инвестициски вложувања, изградба и воспоставување соодветна инфраструктура ќе поттикнат зајакнување на регионот како целина и негово претставување на трети пазари како еден производ во многу дејности, вклучително и во туризмот, што е и основата на подршката на Берлинскиот процес на регионалната соработка во рамки на регионалната интеграција на трговијата на Западен Балкан.

За таа цел, следејќи го светскиот тренд и новите правци за патување, во рамки на кој се организираат регионални тури, туристичките агенции, тур операторите од Македонија во соработка со своите колеги од земјите од регионот одреден период веќе работат на креирање заеднички дестинации за туристи од Европа, од блискиот и далечниот исток и од другите делови на светот.

Во тек се активности и за повторно воведување на авионската линија Скопје - Подгорица - Скопје, во насока на обезбедување соодветна инфраструктура која ќе овозможи поголемо движење на луѓе, стоки и услуги во двата правца, што како крајна цел ќе придонесе за зголемен обем на економската соработка меѓу Црна Гора и Република Македонија, но и услов за зголемување на бројот на туристи во двете насоки и развој на нови видови туристички производи, што како процес доби и официјална подршка од Стопанската комора на Македонија.
Сепак за да функционира регионот како една туристичка целина потребно е да се направат уште многу системски усогласувања, да се работи на брендирање дестинации преку кои ќе се препознава регионот на Западен Балкан, што во услови на активно учество на туристичките чинители и постоење желба за покренување заеднички иницијативи ветува успешна регионална соработка на полетои на туризмот.
Даниела Михајловска Василевска
Стопанска Комора на Македонија
