ЗАДОЛЖУВАЊЕ: Министерството за финансии се задолжи со 2,7 милјарди денари
Министерството за финансии денеска се задолжи со 2,7 милјарди денари или 43,9 милиони евра на домашниот пазар преку аукција на државни записи и државни обврзници.
Станува збор за 12-месечни државни записи во износ од 28,4 милиони евра со камата од 1,85%, 5-годишни државни обврзници во износ 1,3 милиони евра со камата од 2,50% и 15-годишни државни обврзници во износ од 14,2 милиони евра со камата од 3,80%.
Ова е второ задолжување на домашниот пазар за овој месец. На последната аукција Министерството за финансии минатата недела се задолжи кај домашните кредитори за 30,4 милиони евра, односно за само еден месец издадени се хартии од вредност од скоро 75 милиони евра.
Веќе утре, в среда, за враќање доспеваат 32,5 милиона евра стари долгови.
Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска обвинија дека со новите аукции СДСМ продолжува со задолжувањето и со расипничкото однесување со парите на граѓаните.
Велат дека заедно со денешната аукција за овие три месеци министерот Драган Тевдовски има издадено државни хартии во вкупна вредност од 145 милиони евра.
Според нив, Владата на СДСМ досега ниту еднаш не се обиде да го намали државниот долг туку напротив тој се продлабочува.
„Вистинско лице на владата на СДСМ се виде со ребалансот на Буџетот со кој се предвидува дополнително задолжување од 150 милиони евра, а згора на сето тоа почнаа да ги топат девизните резерви, буџетската сметка е во минус над 60 милиони евра, средствата од издадената обврзница од кои поголем дел се потрошени“ - велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата бараат Владата да запре со неконтролираното задолжување и да одговори каде ќе бидат потрошени парите.
Следната аукција на државни хартии од вредност ќе се одржи на 5 септември, а до крајот на годинава планирани се девет аукции на државни записи и државни обврзници.
