Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗАДОЛЖУВАЊЕТО НАМАЛЕНО: Добро е што се преполови еврообврзницата, но за што ќе се трошат парите!

ЗАДОЛЖУВАЊЕТО НАМАЛЕНО: Добро е што се преполови еврообврзницата, но за што ќе се трошат парите!
Владата ја издаде четвртата еврообврзница, со што се задолжи со 270 милиони евра на пет години. Каматната стапка за оваа еврообврзница изнесува 5,125%. Парите од оваа еврообврзница ќе бидат наменети за неколку ставки. Односно, 150 милиони ќе бидат за враќање на старата еврообврзница од 150 милиони издадена во 2005 година, потоа 100 милиони евра ќе биде наменет за буџетска поддршка за следната година, и останатите  20 милиони ќе бидат на посебна сметка и ќе бидат наменети за евентуални потреби за справување со бегалската криза. „Побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница беше два и пол пати повисока и достигна 632 милиони евра. Македонската еврообврзница ја запишаа над 100 инвеститори од кои најголем дел се од Европа и САД, а останатите се од други земји.  Меѓу инвеститорите се најпознати инвестициски банки во светот, пензиски фондови, осигурителни компании и еквити фондови.Трансакцијата се реализираше во соработка со Сити банк, Дојче банк и Ерсте банк“, информираа од министерството  за финансии. Иако, првично се најавуваше задолжување до 500 милиони евра, сепак сумата за која државата се задолжи сега е преполовена. Што велат експертите? Задолжувањето воопшто, било да се работи за внатрешно или надворешно стана наше секојдневие, иако смислата на задолжувањето е прилично поинакво, смета универзитетскиот профессор Сами Беслими. Според него,  доколку целта на задолжувањето би било финансирање на проекти со кои се зголемува-проширува производната можност (производен капацитет) на домашната економија, тогаш тоа се смета за економски оправдано. Додава и дека во услови на криза (недоволна побарувачка) преку зголемување на куповните фондови се поттикнува агрегатната побарувачка, а со тоа се влијае и врз зголемување на домашната понуда, на ниво што го дозволува производниот капацитет на домашната економија, исто така се смета за оправдано задолжување. „Но, кај нас средствата од задолжувањето воглавно се користат за претежно за финансирање на тековната потрошувачка и делумно за капитални инвестиции. Меѓутоа, капиталните инвестиции во административни згради, културно историски, спортски објекти, театри, инвестициите во споменици, уредувањње на плоштади, тротоари, се инвестиции но, од нив не се очекуваат повратни ефекти од домашната економија. Таквите инвестиции сметам дека не се наш приоритет, со нив се зголемува понудата на јавни добра а со тоа и зголемување на општествениот стандард, се обезбедува еднократен економски раст, но не и економски развој.  Задолжувањето преку еврообврзница значи обезбедување на средства на пазарот на капитал, на кој пазар на кредиторите им е битно сигурноста на капиталот и приходите (висината на каматата) од капиталот. Државата е најсигурен кредитобарател, а еврообврзницата го овозможува тоа. Ние континуирано се задолжуваме, од причина што повратните економски ефекти од претходните задолжување се недоволни за да може враќање на позајмените средства од дополнително остварениот доход, туку дополнително се задолжуваме за да можеме да ги вратиме старите долгови“, вели Беслими. Според Беслими задолжувањето создава привидна слика за економската состојба, оти дополнителната потрошувачката се финансира со дополнително задолжување, а не преку зголемување на фискалниот капацитет на домасшната економија. „Добро е што намален е износот на задолжување со ноовата еврообврница, а за што ќе се користат средствата веќе е објавено ( 20 милиона евра за финансирање на трошоците за бегалците, 150 милиона евра за враќање на втасан ануитет по претходната еврообврзница и 100 милиона евра за финансирање на тековна потрошувачка). Да резимирам, не е наш најголем проблем задожувањето туку проблем се приоритите во финансирањето. Очигледно е дека во овој дел имаме сериозни промашувања“, вели Беслими. Дали можеше да се задолжиме на домашен терен? Економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ, пак вели дека е добро што износот на задолжувањето е намален за 230 милиони евра, но сепак, смета дека ако државата требало да се задолжи тогаш можеби ќе беше подобро тоа да го направи на домашен терен. „Добро  е што Кире Наумов вели дека успеал да го намали планираното задолжување на владата, но сепак зошто мораше да прифати задолжување во странство, со камата од околу 5%, кога на домашниот пазар можеше да се задолжи за пониска камата? На пример, каматата на 12-месечните државни записи од минатата недела беше 2.5%. Така девизниот ризик ќе беше помал, а ќе се намалеше и вишокот на ликвидност во финансискиот систем (оние пари на кои банките не знаат што да им прават, па ги паркираат кај НБРМ). Можеби најважно, ќе се заштедеа неколку милиони евра, кои ќе можеа да се искористат за болничка опрема, студентски домови, или нешто слично“, вели Бранимир Јовановиќ. Чија е заслугата за намалената еврообврзница Намалената сума за задолжувањето според Кире Наумов, дополнителен заменик министер во финансии е резултат токму на врзаните потписи на министрите од власта и опозицијата во министерството. „СДСМ нема да дозволи заради неразумните трошења на власта граѓаните да останат без плати, пензии, социјална помош. Но, исто така СДСМ нема да дозволи неразумните и недомаќински политики на Груевски да бидат товар на идните генераци. Затоа го ставив мојот потпис за задолжување во висина од 250 милиони евра,средства неопходни за исплата на плати,пензии,социјална помош, субвенции за граѓаните на Македонија“, изјави Кире Наумов, дополнителен заменик министер во мминистервото за финансии. При тоа Наумов, потенцираше дека не дозволиле неразумно задолжување од дополнителни 250 милиони евра што власта ќе ги искористела за изборна корупција. „Предупредуваме,владата може да се обиде да го надомести предвиденото задолжување на домашниот пазар од домашните банки. Домашните банки, исто како и водечките светски, мора да го почитуваат правилото на двоен потпис. Домашните банки не смеат да си дозволат да бидат соучесници во незаконско и неконтролирано задолжување на државата“, изјави Наумов. Спречивме црно сценарио Владејачката ВМРО-ДПМНЕ брзо реагираше на прес конференцијата на опозицијата, на која заменик-министерот за финансии, Кире Наумов рече дека СДСМ ја спречила Владата да се задолжи за половина милијарда евра. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на овај начи опозицијата сакала да ја блокира исплатата на пензии и субвенции. „Преку дополнителниот заменик министер Кире Наумов, лидерот на СДСМ денеска се обиде да ја блокира исплатата на зголемените пензии, да го попречи реновирањето на болниците и набавката на нова медицинска опрема, да ја закочи исплатата на земјоделските субвенции, да ја сопре изградбата на новата патна инфраструктура и да ги пролонгира роковите за реновирање и изградба на новите училишта и градинки” – стои во реакцијата на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Втора година во низа со еврообврзница И минатата година, Владата издаде еврообврзница на сума од  500 милиони евра, со камата од 3,975%.  Оваа еврообврзница достасува за наплата во јули 2021 година.  Во 2009 година беше издадена еврообврзница од 175 милиони евра, со камата од 9,875%. Таа беше вратена во 2013 година. Додека пак,  првата еврообврзница што беше издадена во 2005 година на сума од 150 милиони евра и со камата од 4,625%, достасува за наплата во декември годинава. Н.С.
Слично

Поврзани вести